• сабота, 10 јануари 2026

Германците лани размениле повеќе од 53 милиони марки за евра

Германците лани размениле повеќе од 53 милиони марки за евра

Франкфурт, 8 јануари  2026 (МИА) - Германските граѓани, и 24 години по воведувањето на еврото, сè уште чуваат стари германски марки, а Бундесбанк минатата година разменилa речиси 53,1 милион марки, што одговара на нешто повеќе од 27 милиони евра, соопшти централната банка.

Во претходните години бројките биле слични: во 2024 година биле разменети околу 53,2 милиони марки, а во 2023 година нешто повеќе од 58 милиони, пишува списанието „Шпигел“.Старите банкноти и кованици често се појавуваат како дел од наследства, а понекогаш се чуваат и од носталгија, наведува порталот.

Според податоците на Бундесбанк, повеќе од 162 милиони банкноти и повеќе од 23 милијарди кованици сè уште не се разменети, со вкупна вредност од околу 12,1 милијарда марки, односно околу 6,2 милијарди евра. Половина од тој износ се кованици- 6,52 милијарди марки, а остатокот се банкноти- 5,61 милијарда марки. Бундесбанк нуди неограничена размена на старите марки за евра по фиксен курс од 1,95583 марки за едно евро. Размената може да се изврши во која било од 31 филијала на банката или по пошта преку Мајнц.

Германија е меѓу седумте земји од еврозоната каде што размената на старата национална валута не е временски ограничена. Други земји со слична практика се: Австрија, Ирска, Естонија, Летонија, Литванија и Бугарија. мв/сд/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан