Германскиот претседател ќе ги посети Саудиска Арабија, Јордан и Турција
- Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер заминува во тридневна посета на Блискиот Исток за лично да се запознае со настаните во регионот, особено по соборувањето на режимот во Сирија, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение од неговиот кабинет.

Берлин, 3 февруари 2025 (МИА) - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер заминува во тридневна посета на Блискиот Исток за лично да се запознае со настаните во регионот, особено по соборувањето на режимот во Сирија, јави ДПА, повикувајќи се на соопштение од неговиот кабинет.
Тој денеска во Ријад ќе се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Посетата на германскиот претседател на главниот град на Саудиска Арабија првично беше планирана за ноември, но подоцна беше откажана по падот на коалициската влада на левиот центар на Олаф Шолц.
Од Саудиска Арабија утре Штајнмаер ќе отпатува за Јордан, каде ќе се сретне со германските војници стационирани во воената база Ал Азрак. Германската армија учествува во меѓународна мисија со седиште во Јордан, која се обидува да го спречи обновувањето на Исламската држава.
Предвидена е средба и со кралот Абдула Втори.
Последна станица од турнејата на Штајнмаер ќе биде Турција, каде што тој в среда вечер со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган ќе разговара за ситуацијата во Сирија.
Конфликтот во Појасот Газа, улогата на ослабената регионална сила Иран и позицијата на новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп на Блискиот исток ќе бидат исто така меѓу темите на разговор за време на турнејата на германскиот претседател за Блискиот Исток.
Во арапскиот свет, Германија значително го загуби престижот поради цврстата поддршка за Израел по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, забележува ДПА. мс/
фото: МИА архива