Генералот Лафчиски во тридневна посета на контингентите на Армијата во Романија и Бугарија
- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска започна тридневна работна посета на контингентите на Армијата распоредени во Романија и Република Бугарија.
Скопје, 12 ноември 2025 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска започна тридневна работна посета на контингентите на Армијата распоредени во Романија и Република Бугарија.
Во рамки на агендата, Лафчиски ќе ги посети припадниците на Армијата кои се дел од мултинационалните сили на НАТО во двете земји, ангажирани во активноста „Forward Land Forces – FLF“. За време на престојот во Романија, тој ќе се сретне со командантот на Мултинационалниот корпус Југоисток, генерал-мајор Христијан Даниел Дан, а на покана на началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Романија, генерал Ѓеорѓита Влад, ќе присуствува на Денот за високи гости на вежбата „Dacian Fall 2025“ на полигонот во Чинку, Брашов.
Во Бугарија, генерал Лафчиски ќе оствари средби со командантот на Здружените сили на Република Бугарија, генерал-мајор Станимир Христов, како и со командантот на Мултинационалната борбена група, полковник Матиа Широко.
Македонската Армија придонесува во овие активности од крајот на 2022 година со два свои состави, кои заедно со сојузничките сили се дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана.бк/вј/
Фото: МИА архива