Второ засилување за италијанскиот тим: Комо и Барселона се договорија за Вале
- Комо и Барселона официјално го објавија договорот, според кој левиот бек Алекс Вале ќе игра на позајмица во дебитантот во Серија „А“ до крајот на сезоната. Каталонците појаснија дека трансферот не вклучува опција за купување на младиот талент.

Комо, 31 јануари 2025 (МИА) - Комо и Барселона официјално го објавија договорот, според кој левиот бек Алекс Вале ќе игра на позајмица во дебитантот во Серија „А“ до крајот на сезоната. Каталонците појаснија дека трансферот не вклучува опција за купување на младиот талент.
Куриозитет е што за да се оствари овој трансфер, Барса мораше да го раскине закупот на 20-годишниот играч, кој првата полусезона ја мина во Селтик. За шкотскиот гигант одигра вкупно 19 натпревари, на кои забележа 5 асистенции. За Вале ова ќе биде четврта позајмица во кариерата, откако претходно беше позајмен и во ФК Андора и Леванте. Од друга страна, тинејџерот на Блауграна се уште нема ниту еден официјален натпревар со првиот тим на клубот.
Самиот Вале го изрази своето задоволство од преселбата во италијанскиот тим.
-Среќен сум што сум тука и возбуден за проектот што се гради во Комо. Многу ми се допаѓа стилот на игра што се практикува овде, мислам дека добро ми одговара. Зборував со Фабрегас, кој ми даде голема самодоверба. Верувам дека ја делиме истата визија. Со нетрпение го очекувам она што претстои и едвај чекам да излезам на теренот со моите нови соиграчи, изјави тој за клупската веб-страница.
Задоволен од доаѓањето на шпанскиот дефанзивец беше и тренерот Сеск Фабрегас.
-Алекс е талентиран млад дефанзивец со цврсти темели од времето поминато во Барселона и драгоцено искуство стекнато од неговата позајмица во Селтик. Неговата способност да придонесе и дефанзивно и офанзивно ќе биде голема предност за нашиот тим, прокоментира поранешниот каталонски играч за врска.
За „бјанкоазурите“ ова е втор трансфер во денот, откако претходно го објавија потписот со 26-годишниот француски крилен напаѓач Џонатан Иконе од Фиорентина. Зделката е за отстапување до крајот на сезоната вреден 1 милион евра, со вклучена опција за купување од 8 милиони евра. дс
Фото: Х/Комо