Во Скопје одбележани 15 години Партиципативен форум
- Настанот беше во организација на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - Мисија во Скопје и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Скопје, 27 ноември 2025 (МИА) - Петнаесет години Партиципативен форум беа одбележани денеска во Скопје. Настанот беше во организација на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - Мисија во Скопје и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
На настанот обраќања имаа и д-р Сузан Пенкса, заменик - шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, потоа Иван Стоилковиќ, заменик - претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, како и Далибор Китановиќ, директор на Агенцијата за остварување на правата на задниците.
Пенкса истакна дека кога со помош на Мисијата на ОБСЕ бил формиран Форумот во 2011, имале јасна цел - да се создаде простор каде заедниците ќе може да бидат вклучени во јавниот живот, да градат доверба, да обезбедуваат подобри политики и да ги заштитат правата на сите заедници.
- По 15 години, благодарение на постојаната заложба на Форумот, видовме дека е направен вистински напредок: посилни партнерства во граѓанското општество, проширено образование на јазиците на заедниците, повеќе учебници, нови изборни предмети како и создавањето на каналот МТВ4 на националната телевизија за помалите заедници. Овие достигнувања се доказ како суштинскиот дијалог може да оформува политики што се значајни за социјална кохезија, нагласи Пенкса.

Според Стоилковиќ, се очекува дека работата на Министерството ќе биде малку поотворена и малку поконкретна, од аспект што Министерството ќе брои само околу стотина вработени.
- Сметам дека и таа бројка е голема, мислам дека околу седумдесет, осумдесет се доволни. Меѓутоа, ние не можеме да посегнуваме по административни мерки со кои би ги смалиле тие бројки. Најверојатно би морале на некој друг начин да работиме со преземање, со други институции, да видиме како да го решиме тој проблем, посочи тој пред присутните.
Работата на Министерството, истакна тој, дало видливи резултати, ги користи сите механизми за да ја помогне социјалната кохезија и инклузија на помалите етнички заедници во политичкиот живот на државата.
Агенцијата, рече тој, преку соработка со невладиниот сектор, меѓународните организации, бележи резултати.
Како пример за наследеното лошо работење од минатото, тој ги спомена случаите со тие што земале плата, а не иделе на работа и долги години седеле дома. Сега им било проблем што биле повикани на работа, па добар дел од нив не се појавиле, добар дел не биле тука. За да се разбере тежината на проблемот, сподели дека имало човек со две години пред пензија, а 18 години работел во Министерството за односи помеѓу заедниците, примал плата, а никогаш не дошол на работа.

Китановиќ рече дека станува збор за Форум што станал еден од најпрепознатливите механизми за дијалог помеѓу помалубројните заедници и институциите во нашата држава.
- Агенцијата за остварување на правата на заедниците е основана со јасна мисија да следи и дава препораки во однос на остварување на правата на немнозинските заедници кои се под 20 проценти во нашата земја, да биде гаранција дека секоја заедница без разлика на бројноста, има институција што ја штити, ја слуша и ја поддржува. Агенцијата од самиот почеток претставува еден од клучните столбови на стабилноста и мултиетничката рамнотежа во Република Северна Македонија, подвлече Китановиќ.
Денес, како што нагласи тој, Агенцијата е и значајна алатка во процесот на ЕУ - интеграции, затоа што токму почитувањето на правата на заедниците, социјалната кохезија и еднаквоста се основни вредности на Европската Унија. Тој рече дека нивната институција ѝ дава поддршка на државата да ги следи овие стандарди, да предлага политики и да создава услови за општество засновано на доверба и взаемно почитување.
- Партиципативниот форум, чиј јубилеј денес го одбележуваме, е една од најуспешните неформални платформи за дијалог во државата. Форумот уште од самите почетоци се соочуваше со големи предизвици во делот на формирањето, но, благодарение на големиот ентузијазам и посветеноста на тогашното раководство - диркторот Весна Бабиќ Петровски и заменик директор Кадир Салих, како и силната поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, успева да се етаблира во стабилно, ренамирано советодавно тело што функционира во континуитет, рече Китановиќ.

Тој додаде дека во еден период од неговото постоење поради одредени околности, се доведувале во прашање функционалноста, ефикасноста, а со самото тоа и опстанокот на форумот.
- Но, форумот не само што успеа да опстане, туку во последниве години станува препознаена добра пракса во регионот и пошироко, додека на национално ниво се стреми да прерасне во еден од клучните механизми за унапредување, остварување и заштита на правата на заедниците. Како резултат на долгогодишниот труд и постојаност, оваа година за првпат Владата ги прифати и усвои препораките на Форумот, од што произлегоа заклучоци и задолженија. Зато ја користам оваа прилика да се заблагодарам до Владата на Република Северна Македонија и премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со неговиот тим, ја препознаа значајноста на овој форум и квалитетот на препораките што ги доставуваме до Владата, што се важни во креирањето на политиките и програмите, а што се однесуваат на помалубројните заедници, истакна Китановиќ.
Пред присутните беа презентирани развојот и постигнувањата на Партиципативниот форум досега. бд/са/
Фото: МИА