Во Општина Чашка се одржуваат проодни патиштата до планинските села Горно и Долно Јаболчиште
Велес, 1 февруари 2026 (МИА) – Во Општина Чашка снежни врнежи денеска има само во планинските села Горно и Долно Јаболчиште под планината Јакупица во масивот под Солунска Глава. Иако наносите на улиците и на патот помеѓу овие две планински села, засега се минимални, а снегот е водест, тие постојано се чистат од екипите на ЈПКД „Тополка“.
- Екипите на ЈПКД „Тополка“ се спремни со механизацијата и залихи од ризла и сол ако затреба веднаш да интервенираат и во другите населени места во Општина Чашка, информира за МИА, градоначалникот Суат Шаќиров.
Тој појасни дека заедно со претставници на општината постојано ја следат состојбата со снегот и навреме реагираат секаде каде што има потреба.
Шаќиров информира дека неодамна со средства од општинскиот буџет набавиле помошна механизација т.н. прскалка-распрскувач на сол и ризла.
Инаку, ЈПКД „Тополка“ согласно програмата за зимско одржување на локалните патишта во соработка и со координација од тимот на Општина Чашка во која е вклучен и градоначалникот ја одржува со скип - багер и два трактори со приклучна механизација за чистење на снег.

Општина Чашка на својата територија има локални патишта и улици во вкупна должина од 123,7 километри и е една од најголемите по површина локални самоуправи во земјава. ад/вг/
Фото: Општина Чашка