• сабота, 21 февруари 2026

Во израелски воздушни напади врз Либан погодени воени објекти на Хезболах

Во израелски воздушни напади врз Либан погодени воени објекти на Хезболах

Тел Авив/Бејрут, 19 февруари (МИА) - Израелската војска денеска започна нови воздушни напади врз Либан, насочени кон, објекти што ги опиша како, складишта за оружје на Хезболах и ракетни лансери на југот на земјата, јави ДПА.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во бранот напади била погодена воена инфраструктура што групата поддржана од Иран ја користела за планирање напади врз еврејската држава.

Војската го окарактеризира присуството на Хезболах во овие области како кршење на договорот за прекин на огнот постигнат меѓу Израел и Хезболах кон крајот на 2024 година.

Овие извештаи не можат во моментов да бидат потврдени од независен извор, пренесе германската агенција .

Израелските власти не дадоа информации во врска со потенцијални жртви.

Војната меѓу Израел и Хезболах, која се интензивираше во текот на 2024 година, беше проследена со прекин на огнот договорен во ноември истата година.

Според условите на договорот, Хезболах беше должен да се разоружа, но клучниот рок за разоружување на групата истече на крајот од минатата година. И покрај прекинот на огнот, израелската војска спроведуваше речиси секојдневни напади врз либански цели.

Според официјалните либански податоци, од почетокот на примирјето во Либан во израелските напади се убиени повеќе од 300 лица, а Обединетите нации соопштија дека над 100 од жртвите биле цивили.

„Израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат за да отстранат каква било закана за државата Израел“, соопшти војската, пренесе ДПА. сд/ми/

Фото: ДПА

 

Остани поврзан