• сабота, 21 февруари 2026

Владата на чешкиот тајкун Бабиш доби доверба од парламентот

Владата на чешкиот тајкун Бабиш доби доверба од парламентот

Прага, 16 јануари 2026 (МИА) - По долгата дебата, која почна на 13 јануари, синоќа новата коалициска влада предводена од популистот Андреј Бабиш доби доверба од парламентот.

За доверба на коалициската влада, составена од Акција на незадоволните граѓани (АНО) на Бабиш, радикалната партија Слобода и директна демократија (СПД) и евроскептичната партија Мотористи, гласаа 108 пратеници, против беа 91, а еден беше воздржан.

Опозицијата го критикува Бабиш поради коалицијата со радикалните националисти, кои му се потребни за парламентот да не се изгласа укинување на неговиот имунитет, со што ќе избегне судење поради малверзации со европските донации од два милиона евра за семејната фарма. Ако му биде укинат имунитетот на Бабиш, тој може да биде осуден на условна казна затвор и висока глоба. И лидерот на радикалните националисти Томио Окамура е пред кривично гонење за злосторство од омраза поради неговата ксенофобична кампања пред парламентарните избори.

Парламентот во текот на месецот треба да гласа за барањето за укинување на имунитетот на Бабиш и Окамура, но бидејќи владината коалиција има 108 гласа, најверојатно тие ќе бидат заштитени од кривично гонење. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан