БМВ M2 за првпат со погон на сите тркала
БМВ се подготвува за првпат да го понуди моделот M2 со погон на сите тркала, исто како кај другите М модели.
Новата верзија M2 “икс-драјв” накратко се појави на американската веб страница на БМВ, што практично потврди дека доаѓа изведба со погон на сите тркала. Таа нема да го замени актуелниот M2 со заден погон. Наместо тоа, купувачите ќе можат да избираат меѓу класичниот заден погон и дополнителната стабилност и тракција што ја нуди системот со четири тркала.
Досега M2 беше единствениот M модел што остана верен на задниот погон, а воедно е и единствениот што се нуди со шестстепен мануелен менувач. Новиот “икс-драјв” ќе биде достапен исклучиво со осумстепен автоматски менувач.
Како и кај другите понови M модели, ќе има и опција што овозможува целосно возење со заден погон за оние што сакаат подинамично искуство.
Иако сè уште нема официјални детали, се очекува M2 “икс-драјв” да го задржи S58 3 литарскиот реден шестцилиндричен мотор. Моќноста најверојатно ќе порасне од сегашните 473 коњски сили на бројка поблиску до 523 коњски сили, колку што има M2 CS. Со погон на 4 тркала, забрзувањето од 0 до 100 км на час би можело да падне под четири секунди, што би го направило најбрзиот M2 досега.
Фото: ЕПА