Бербок - Димитровски: Членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е клучно за стабилна и обединета Европа
- Актуелните глобални предизвици и улогата на Обединетите нации во зајакнувањето на мултилатерализмот, одржливиот развој и меѓународната соработка беа во фокусот на средбата на заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, со претседателката на 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок.
Скопје, 13 март 2026 (МИА) - Актуелните глобални предизвици и улогата на Обединетите нации во зајакнувањето на мултилатерализмот, одржливиот развој и меѓународната соработка беа во фокусот на средбата на заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, со претседателката на 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок.
Како што соопштуваат од Министерството, Димитровски на средбата во Њујорк ја реафирмирал силната посветеност на Република Северна Македонија кон принципите на Повелбата на ОН и поддршката за ефективен, инклузивен и функционален мултилатерален систем.
- Во разговорот тој посочи дека современиот свет се соочува со сериозни предизвици, вооружени конфликти, природни катастрофи, растечка нееднаквост и кршење на меѓународното право, што наметнува потреба од посилна и поефикасна глобална соработка. Во таа насока беше истакната важноста од продлабочени реформи во системот на ОН, поголема транспарентност и инклузивност во процесите на одлучување, како и засилена способност на организацијата да одговори на заканите за мирот, одржливиот развој и човековите права - стои во соопштението.
Осврнувајќи се на европската перспектива на државата, Димитровски нагласил дека Северна Македонија останува цврсто посветена на реформите поврзани со процесот на пристапување во Европската Унија и на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочил дека македонското општество има јасна проевропска ориентација, а Владата е фокусирана на спроведување на реформите, со очекување процесот на проширување да се одвива на јасен, кредибилен и предвидлив начин.
- Претседателката Бербок нагласи дека во својот сегашен капацитет, но и како поранешна министерка за надворешни работи на Германија, доследно ја поддржува визијата за обединета Европа заснована на мир и меѓусебна доверба. Таа истакна дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е од суштинско значење за обезбедување долгорочна стабилност, безбедност и економски напредок во регионот - дополнуваат од Министерството.
Во разговорот биле разгледани и приоритетите на претседателството на Бербок со 80-тата сесија на Генералното собрание на ОН, при што била истакната потребата од засилена соработка меѓу земјите членки во справувањето со глобалните предизвици, вклучително одржливиот развој, климатските промени и заштитата на меѓународниот мир и безбедност.ар/вј/
Фото: МНРиНТ