Бела куќа: Белорусија ослободи тројца притвореници, меѓу нив и Американец
- - Ова беше специјална операција во која преминавме преку белоруската граница и пристигнавме во Минск, каде што нашите белоруски колеги ни ги предадоа тројцата притвореници. Ги пренесовме во Литванија, а меѓу нив има и американски државјанин, изјави Смит.

Вашингтон, 12 февруари 2025 (МИА) - Три лица, меѓу кои и еден американски државјанин, се ослободени од Белорусија, соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит.
Ова ослободување се случува во време кога од Русија беше ослободен американскиот наставник Марк Фогел, кој помина две години во затвор.
Информацијата за ослободувањето доаѓа откако минатиот месец американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Белорусија „еднострано ослободила невин американски државјанин“. Тогаш тој посочи дека станува збор за Анастасија Нуфер, за која претходно не било јавно познато дека била уапсена во Белорусија. Рубио не даде дополнителни детали за случајот.
Извор запознаен со напорите за враќање на Американците задржани во странство изјави дека сè уште има еден Американец кој останува во белоруски затвор. Според изворот, станува збор за 47-годишниот натурализиран Американец Јуријас Зијанкович, кој живее во Тексас. Тој бил уапсен во април 2021 година, додека ручал на аеродромот во Москва. Според сведоштва, лицата кои го уапсиле му ставиле лисици и го одвеле во Белорусија, каде што бил тајно осуден и затворен под обвинение за наводен заговор за државен удар. На 5 јануари годинава, американски дипломати со седиште во Литванија го посетиле во затворот.
Денеска, Крис Смит, претставник на Стејт департментот задолжен за прашањата поврзани со Источна Европа, изјави за Си-Ен-Ен дека тројца притвореници во Белорусија, меѓу кои и еден Американец, се ослободени. Тие биле пренесени во Литванија.
- Ова беше специјална операција во која преминавме преку белоруската граница и пристигнавме во Минск, каде што нашите белоруски колеги ни ги предадоа тројцата притвореници. Ги пренесовме во Литванија, а меѓу нив има и американски државјанин, изјави Смит.
Тој нагласи дека американската влада „ќе продолжи да работи на ослободување на сите Американци кои се неправедно задржани во странство“.
Во меѓувреме, портпаролката на Белата куќа потврди дека меѓу ослободените се и двајца Белоруси, од кои еден бил вработен во Радио Слободна Европа. Таа не ги откри нивните имиња, но американскиот јавен медиум „Радио Слободна Европа/Радио Слобода“ потврди дека меѓу ослободените е и новинарот Андреј Кузњечук, кој бил во белоруски затвор повеќе од три години.
Претседателот на оваа медиумска организација, Стивен Капус, изрази надеж дека наскоро ќе биде ослободен и нивниот друг новинар – Ихар Лосик, кој сè уште е во белоруски притвор. ссм/
фото: архива