• вторник, 03 март 2026

Бангладеш утре гласа на референдум за пакет-реформи насочени кон зајакнување на демократијата, како и на парламентарните избори

Бангладеш утре гласа на референдум за пакет-реформи насочени кон зајакнување на демократијата, како и на парламентарните избори

Дака, 11 февруари 2026 (МИА) - Бангладеш утре гласа на референдум за пакет-реформи насочени кон зајакнување на демократијата, како и на парламентарните избори.

Пакет-реформите се содржани во документ наречен Јулска повелба. Тој е плод на тешки преговори организирани од шефот на преодната влада на Бангладеш, добитникот на Нобелова награда за мир, Мухамед Јунус. Доколку гласачите гласаат за неговото спроведување на референдумот, тоа радикално ќе ги промени институциите на азиската земја и нивното функционирање. Целта на сето ова, според Јунус, ќе биде да се избегне враќање авторитарен режим во земјата како оној на Шеик Хасина Вазед, која беше соборена од власт пред година и пол.

Реформите содржани во Јулската повелба предвидуваат создавање втора комора на парламентот, со 100 места, што ќе бидат распределени пропорционално на резултатите што ги постигнаа партиите на Бангладеш на националните избори. Бангладеш во моментот има само еднодомен парламент, Националното собрание, кое има 350 места.

Повелбата го ограничува бројот на мандати за премиери на два. Исто така, ги зајакнува овластувањата на претседателот, кој досега имаше претежно церемонијална улога.

Повелбата, исто така, ги потврдува мултиетничката и мултирелигиозната природа на Бангладеш, каде што 90 проценти од 170-милионското население се муслимани.

Голем број политички сили веќе изразија поддршка за Јулската повелба, што е индикација дека таа ќе биде одобрена од гласачите на референдум. Но, некои гласачи признаваат дека не ги разбираат целосно некои од реформите утврдени во документот за кои велат дека се технички и сложени. Според анкетата, само 37 проценти од испитаниците ја знаат целосната содржина на повелбата. Меѓу оние со најниско ниво на образование тој процент паѓа на само осум.

Што се однесува до парламентарните избори во Бангладеш утре, се очекува милиони млади да гласаат првпат. Претходно, за време на тврдоглавото владеење на Шеик Хасина Вазед, многу млади луѓе одбиваа да гласаат затоа што рекоа дека изборите биле наместени и дека на опозицијата не ѝ било дозволено да учествува. Статистиката од Изборната комисија покажува дека 44 проценти од 127-те милиони гласачи се на возраст меѓу 18 и 37 години.

Партијата на Шеик Хасина Вазед, Авами лига, сега е забранета.

Анкетите покажуваат дека националистите од Националистичката партија на Бангладеш и исламистите од Џамаат-е-Ислами сега се фаворити на парламентарните избори. Но, на политичката сцена се појави и нова формација - Граѓанската национална партија, која беше формирана од личности од востанието во Бангладеш, кое ја собори владата на Шеик Хасина.

Од приближно 2.000 кандидати за 350 места во еднодомниот парламент, половина од кандидатите се на возраст меѓу 25 и 54 години, а повеќе од 1.400 од нив се кандидираат првпат на парламентарни избори, според статистиката на изборните власти на Бангладеш. мс/рп/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан