• сабота, 22 февруари 2025

Балетската претстава „Есмералда“ од Чезаре Пуњи на 7 февруари во НОБ

Балетската претстава „Есмералда“ од Чезаре Пуњи на 7 февруари во НОБ

Скопје, 3 февруари 2025 (МИА) - Ремек-делото на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи ќе се изведе на 7 февруари, петок, на сцената на Националната опера и балет (НОБ).

Како што најавија од НОБ, приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква" од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Претставата ќе ја изведат Христина Наќевска Митрашиновиќ во улогата на Есмералда, Балаж Лочеи од Унгарија во улогата на Феб, Наташа Трендафилова Гицев во улогата на Флер де Лис, заедно со првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Балетот „Есмералда“, познат по својата техничка сложеност ги истражува длабочините на човечките емоции, додека истовремено нуди спектакуларни танцови изведби кои го задржуваат вниманието на публиката. Оваa изведба ќе создаде незаборавно балетско искуство и ќе ги поттикне гледачите да размислуваат за судбината, љубовта и жртвите што ги носи животот. бт/дма/

Фото: Национална опера и балет

Остани поврзан