• сабота, 21 февруари 2026

АСЕАН не ги признава изборите во Мјанмар

АСЕАН не ги признава изборите во Мјанмар

Манила, 29 јануари 2026 (МИА) – Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) не ги признава неодамна одржаните избори во Мјанмар, кои беа први по 2021 година кога армијата ја презеде власта во земјата, изјави денеска министерката за надворешни работи на Филипините Тереса Лазаро.

Непризнавањето на изборите во Мјанмар од страна на АСЕАН претставува сериозен удар за напорите на воените лидери на земјата да добијат меѓународно признание.

Регионалниот блок, во кој членуваат 11 земји вклучувајќи го и Мјанмар, одбива да ја признае воената влада во земјата откако армијата со сила ја презеде власта од владата на Аунг Сан Су Чи во 2021 година.

Во одговор на прашање на прес-конференција дали АСЕАН не ги признава изборите во Мјанмар, Лазаро изјави: „Да, во овој момент АСЕАН не ги признава трите фази на изборите кои беа спроведени“.

Лазаро не прецизираше како би можела да се промени позицијата на регионалниот блок.

Таа го изјави ова за време на прес-конференција по првиот голем министерски состанок на АСЕАН оваа година во градот Цебу. Кризата во Мјанмар беше меѓу главните теми на дневниот ред на состанокот.

Партијата Унија за солидарност и развој, поддржана од војската, во понеделникот соопшти дека победила на изборите во Мјанмар. Победата на оваа партија, предводена од поранешен генерал, беше очекувана откако главните опозициски партии беа исклучени од учество на изборите, а изразувањето на несогласување беше строго ограничено.

Освен тоа, една четвртина од пратеничките места во парламентот беа автоматски резервирани за претставници на војската, со што беше загарантирано дека тие ќе ја задржат контролата врз власта.

Критичарите тврдат дека изборите не биле ниту слободни, ниту фер, туку едноставно биле обид за легитимирање на военото владеење по насилното преземање на власта. јт/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан