• сабота, 21 февруари 2026

Арагчи упати досега најдиректна закана до САД

Арагчи упати досега најдиректна закана до САД

Дубаи, 21 јануари 2026 (МИА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денеска упати закана до Соединетите Американски Држави (САД) по крвавото задушување на демонстрантите од страна на Техеран.

Арагчи предупреди дека Иран ќе „се одмазди со сè што има ако повторно биде нападнат“, а американската група носачи на авиони се движи од Азија кон Запад, кон Блискиот Исток.

Иранскиот министер за надворешни работи ја упати заканата во статија објавена во „Волстрит џурнал“. Тој повтори дека „насилната фаза на немирите траела помалку од 72 часа“ и ги обвини иранските демонстранти за насилството.

„За разлика од воздржаноста што Иран ја покажа во јуни 2025 година, нашите моќни вооружени сили немаат никакви проблеми да се одмаздат со сè што имаат ако повторно се најдеме под напад“, напиша Арагчи осврнувајќи се на 12-дневната војна што Израел ја почна против Иран.

„Ова не е закана, туку реалност што чувствувам дека морам експлицитно да ја соопштам бидејќи како дипломат и ветеран ја презирам војната“, додаде тој.

Како што рече, „конфликтот ќе биде жесток, ќе опфати поширок регион и ќе влијае на обичните луѓе во светот“.

Абас Арагчи го откажа учеството на Светскиот економски форум во Давос поради ситуацијата во Иран.

„Иранскиот министер за надворешни работи нема да присуствува во Давос. Иако беше поканет минатата есен, трагичната загуба на цивилни животи во Иран во текот на изминатите неколку недели значи дека не е во ред иранската влада да биде претставена во Давос оваа година“, се вели во соопштението на Светскиот економски форум. мс/јт/

фото: ЕПА

Остани поврзан