• петок, 20 февруари 2026

Арагчи: Техеран е подготвен за фер и непристрасни разговори со САД

Арагчи: Техеран е подготвен за фер и непристрасни разговори со САД

Анкара, 30 јануари 2026 (МИА) - Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан денеска апелира до САД и Иран да се вратат на преговарачката маса за да ги решат спорните прашања.

- Мирот и стабилноста на Иран се важни за нас - изјави Фидан на заедничката прес-конференција во Истанбул со иранскиот колега Абас Арагчи.

Фидан потенцира дека Анкара е против странско мешање во внатрешните работи на Иран.

- Се надеваме дека може да се изнајде решение, да се избегне конфликтот, но и изолација на Иран - наведе Фидан.

Арагчи истакна дека Иран е подготвен да ги обнови разговорите со САД ако преговорите бидат фер и непристрасни и не ги вклучуваат одбранбените капацитети на Иран.

Фидан и Арагчи се осврнаа и на ситуацијата во Сирија и примирјето помеѓу Дамаск и курдските сили.

- Внимателно го проучуваме договорот за интеграција; вистинската интеграција е во интерес на Сирија и сите страни веќе се запознаени со условите на овој договор - посочи Фидан.

Арагчи истакна дека „Техеран сака единство и мир во Сирија“.

Претходно, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во денешниот телефонски разговор со иранскиот колега Масут Пезешкијан истакна дека Анкара е подготвена да посредува помеѓу Иран и САД. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан