Анри: Гвардиола не е добро психички
- Тиери Анри тврди дека менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, „не е добро психички“ по разделбата со сопругата Кристина Сера.

Манчестер, 5 февруари 2025 (МИА) - Тиери Анри тврди дека менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, „не е добро психички“ по разделбата со сопругата Кристина Сера.
Тековната сезона се покажа како огромен предизвик за каталонскиот стручњак и професионално и во неговиот личен живот. Манчестер Сити западна во длабока криза, а последниот удар беше понижувачкиот пораз од Арсенал во неделата со 1-5.
Лошата форма на Сити доаѓа во време кога и личниот живот на Гвардиола тргна во погрешен правец. Минатиот месец стана јасно дека тој и Кристина се разделуваат по 36 години заеднички живот. Според шпанскиот весник „Спорт“, еден од клучните фактори за разделбата била одлуката на Пеп да го продолжи договорот со Манчестер Сити до 2027 година.
Претходно, плановите беа двајцата да се преселат во Обединетите Арапски Емирати, но кога менаџерот избра да остане во Англија, Сера донесе одлука да стави крај на бракот.
Анри, кој играше под водство на Гвардиола во Барселона, зборуваше за емотивното оптоварување што може да го носат личните проблеми на ѕвездите или тренерите кои се постојано во центарот на вниманието.
-Дали жалам што се случува со Манчестер Сити и Пеп? Да, жалам за тоа, и поради една главна причина. Не е лесно да се справиш со работите со кои Пеп мора да се справува надвор од фудбалот. Слично нешто поминав и јас кога отидов во Барселона. Не е лесно да се справиш со такви работи кога не си ментално добро. Очигледно е дека не е тој самиот. Знам како е - морав сам да поминам низ тоа во Барселона и можам да ви кажам дека не е лесно. Никој не би сакал да се бори со вакви проблеми додека од него се бара постојано да постигнува високи резултати. Но, ако гледаме чисто од фудбалска перспектива, тоа што Сити го прикажува на теренот не е доволно, изјави Анри.
Инаку, Гвардиола ја запозна Кристина Сера на само 18 години. Двојката има три деца - Марија (24), Мариус (22) и Валентина (17). Нивната врска отсекогаш била клучен дел од неговиот живот, но според „Сан“, проблемите почнале да се појавуваат пред многу години.
Трпението на Кристина конечно се потрошило по веста дека нејзиниот сопруг повторно потпишува со Сити. дс
Фото: Архива