Американскиот државен секретар Рубио пристигна во Саудиска Арабија од Израел
- Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска пристигна во Саудиска Арабија од Израел, каде му понуди американска поддршка на својот сојузник, јавуваат медиумите.

Тел Авив, 17 февруари 2025 (МИА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска пристигна во Саудиска Арабија од Израел, каде му понуди американска поддршка на својот сојузник, јавуваат медиумите.
Рубио е на својата прва блискоисточна турнеја откако ја презеде функцијата.
Американскиот дипломат треба да се сретне со саудиски претставници во Ријад за да разговара за предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Појасот Газа, кој е уништен од повеќе од 15 месеци војна.
Предвидено е тој да се сретне и со руските претставници во Ријад за да разговара за завршување на војната во Украина.
На Рубио во разговорите му се придружуваат американскиот советник за национална безбедност, Мајк Волц и американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Не се знае точно со кого ќе се сретне Рубио од руска страна, но во саботата тој телефонски разговарал со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Киев не е поканет на разговорите во Саудиска Арабија, изјави за Би-би-си овој викенд извор од украинската влада.
Но, вчера Трамп рече дека украинскиот претседател, Володимир Зеленски ќе биде вклучен во процесот.
Трамп вчера изјави и дека очекува наскоро да се одржи неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, со кого телефонски разговараше минатата недела. Трамп минатата недела изјави дека имал долг и многу продуктивен телефонски разговор со Путин за завршување на војната во Украина. мс/
фото: МИА архива