Во американските воздушни напади врз Хутите во Јемен минатата година биле убиени 153 цивили
- Во американските воздушни напади извршени минатата година врз бунтовниците Хути во Јемен биле убиени 153 цивили, покажува извештај на Пентагон.
Вашингтон, 13 август 2026 (МИА) - Во американските воздушни напади извршени минатата година врз бунтовниците Хути во Јемен биле убиени 153 цивили, покажува извештај на Пентагон.
Објавувањето на податоците од американското Министерство за одбрана доаѓа во услови на зголемена загриженост поради цивилните жртви во воените операции под раководство на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Некласифицираните податоци до кои дошле медиумите, биле доставени до Конгресот на САД како дел од годишниот извештај за цивилните жртви. За извештајот прв објави „Ен-Би-Си њуз“. Од Пентагон е соопштено дека целосниот извештај ќе биде објавен наредните месеци.
Прегледот на Пентагон се однесува на три воздушни напади извршени во април 2025 година, во рамките на американската воена кампања против Хутите во Јемен поддржани од Иран.
Нападите биле насочени кон позиции на непријателските сили во или во близина на Сана, главниот град на Јемен, кој е под контрола на Хутите, како и кон пристаништето Рас Иса.
Во нападите загинале вкупно 153 цивили, а 243 биле ранети. Најсмртоносен бил нападот врз пристаништето Рас Иса, при што загинале 80 лица, а 171 биле ранети.
Централната команда на САД (СЕНТКОМ), што е одговорна за американските воени операции на Блискиот Исток, тогаш соопшти дека нападот не бил насочен против народот на Јемен. аб/зш
фото/МИА архива