Албанија го осуди приведувањето и протерувањето од Србија на двајца нејзини државјани

Тирана, 24 јануари 2025 (МИА) - Албанија го осуди приведувањето и протерувањето од Србија на двајца нејзини државјани, учесници на состанокот организиран од фондацијата Ерсте, наведувајќи дека ваквите потези не се во согласност со добрососедските односи.
Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија на Фејсбук објави дека синоќа го повикале амбасадорот на Србија во Тирана, Слободан Вукчевиќ и изразиле жалење и сериозна загриженост за приведувањето и депортирањето на двајца претставници на граѓанското општество од Албанија.
„Тие потези не се во согласност со нашата желба и напор за одржување на добрососедските односи и имаат негативно влијание врз слободното движење на нашите граѓани“, соопшти Министерството.
Министерството додаде дека побарало појаснување во врска со случајот и дека ја нагласува потребата српските власти да ги разгледаат и да ги земат во предвид жалбите по донесените одлуки.
Беше побарано и да не се дозволи повторување на вакви настани во иднина. вт/