• петок, 22 ноември 2024

RYCO: Над 70 отсто од младите ја поддржуваат регионалната соработка

RYCO: Над 70 отсто од младите ја поддржуваат регионалната соработка

Скопје, 21 септември 2024

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на мирот. Овој значаен ден е потсетник дека конфликтите никогаш не можат да се решат преку насилство, туку исклучиво преку дијалог и меѓусебно почитување.

Регионалната соработка и вмрежувањето, почитта и разбирањето се клучни фактори за креирање на мирна иднина. Владите и општествата од Западен Балкан мора континуирано да соработуваат и инвестираат во изградба на попросперитетна и безбедна иднина за сите млади, иднина која се гради врз вредностите на толеранција, доверба и почит.

Според Balkan Barometar 2023, 76% од младите на возраст од 18 до 24 години ја поддржуваат регионалната соработка, а 67% од нив се согласуваат дека она што ги зближува граѓаните на Западен Балкан е поважно од тоа што ги раздвојува.

„Одржлива мирна иднина се создава кога младите ќе ги вклучиме директно во процесите на одлучување и ќе им овозможиме да придонесат за просперитетот на нивните заедници, и кога носителите на одлуки ќе ги носат финалните одлуки во директни консултации и соработка со младите. На младите мора да им се даде поголем простор во одлучувањето и политичките процеси за да работат на зајакнување на помирувањето, соработката и стабилноста на регионот. Бидејќи тие имаат многу креативни идеи, позитивен дух и енергија ослободени од предрасуди и стереотипи кои го движат општествениот прогрес. Студиите за младите, вклучително и студијата на RYCO „Заедничка иднина“ покажуваат дека младите во регионот споделуваат многу заеднички карактеристики, еден на друг гледаат со доверба и љубопитност, иако понекогаш со претпазливост. Потребен ни е регион кој е изграден врз идеалите за мир и обезбедува подобра средина за новите генерации. Кога младите луѓе се поврзуваат со споделување искуства и идеи, меѓусебно учење и градење пријателски врски преку младински размени и други програми кои ја поттикнуваат соработката, тогаш можностите за образование и мобилност, мирот и помирувањето во регионот се зајакнуваат. Имаме многу вакви регионални позитивни примери со реализираните проекти „SuperSchools“, „Harmony Hero Awards“, „RYCOgnized“, „Youth Peace and Security“, и други, вели Владимир Ѓорѓевски од RYCO, меѓувладина институција која континуирано поддржува проекти и иницијативи што им овозможуваат на младите лица да бидат ангажирани и поврзани низ целиот регион преку програми за интеркултурна соработка, младински размени, споделување искуства и идеи.

Откако започна со работа RYCO во 2017 година над 40.000 млади лица се вклучени во програми и активности за интеркултурна соработка. Целта на оваа организација е да го поттикне и поддржи градењето на мирот и помирувањето во регионот, а младите лица да можат да бидат вистински креатори на промените во обликувањето на мирна иднина за сите.


Генералното собрание на Обединетите Нации, во 1999 година ги постави вредностите потребни за култура на мирот. Оваа година се одбележува 25 годишнината од усвојувањето на Декларацијата и Програмата за акција на култура на мирот, а годинешната тема „Негување на мирот“.


Кога на младите лица им се овозможува да придонесат за просперитетот на нивните заедници и кога се донесуваат одлуки имајќи го во предвид нивниот глас, тоа неизмерно придонесува за долготраен мир и просперитет.

Со почит, 

Регионална младинска канцеларија (RYCO) 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: RYCO

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан