• четврток, 21 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
16 јули 2021 Народна митологија Од нашиот народен живот Клетва, (к’лначка, кл’најне) Во народото верување спаѓа и клетвата: уд татко, уд мајка, уд кум, уд стар чувек, стара жена, уд сирумах, уд сирак, уд болин чувек, уд поп итн. Од сите клетви најтешки се татковата и мајчината клетва, потоа кумовата клетва, која според народното верување секогаш се исполнува, и која дури и Бог ја одобрува и ја поткрепува. Се верува дека оној што родителите ќе го проколнат нема да помине добро. Уште повеќе веруваат ако него клетвата не го фати, таа ќе ги стигне неговите деца или внуците, или било кога и било каде од неговите најблиски, макар тоа било и уф дивето колено. Исто така тешка е и прафашке и кумовата клетва. Оној што кумот гол го држел на рацете при крштевањето, тој мора многу да внимава да не го навреди кумот, зашто ако кумот го праклне, „не можат ни три владици да му пуможат.“- Покрај тоа верување кршетеникот мора да го посети кумот на сите поголеми празници и да го моли да му прости, ако со нешто макар и не сакајќи го навредил. Заклетва. – Покрај клетвата во народот постои и закл’нувајне (заклетва). Закл’нувајнето обично се употребува кога се сака некој да ја каже вистината, кога сведочи или сам се заколнува за да го увери некого во тоа што тој го кажува или го предлага. Се употребува и меѓу жените кога некоја не сака да каже нешто што чула или видела, па другата ќе ја закл’не да ја каже вистината, или кога некоја жена ќе присуствува на некој разговор или озборување па тие две во неа како трета немаат доверба, дека ќе го чува во тајност тоа што го чула тогаш тие ја закл’нуват со зборовите: Жити деца. – Жити младост. – Туку ти две очи. – Жити едно чедо, итн. Кога некоја жена ќе сака да ја увери другата дека тоа не е од неа разгласено или дека таа не е причина за некоја кавга, разнесување на зборови итн. таа се заколнува: „На младоста си да се не наситум!“ ако ова или она сум го рекла. – Едно дете имам, живо дома да не гу најдум ако...!“ Или: „Нидеља да не прачекум, ако сум рекла.“ Или: „Три деца имам сите да ми испукат уф един гроб да и закопам, ако сум кажала“, итн. Но треба да се знае дека заклетвата не се употребува без некоја поголема причина. Мора да е сериозна работата, па така да се заколне било човек или жена. Кога пак некој криво се закл’нуве, народот верува дека било кога ќе го снајде нејкоја несреќа. Обично на таквиот човек никој ништо не му доверува, не позајмува, не го вика за сведок, не сака да сведочи во негова корист дури, дури и да е сосема прав во тој случај. Па да не го презираат само него туку истото тоа неверување и истата омраза, кои ги чувствуваат кон него, ја пренесуваат и на неговите домашни. Само кога ќе се поделат, и ако неговите помали браќа се покажат поинакви, соседите го менуваат мислењето за нив. За таквиот човек велат дека е и од Господа бележан, но не може веднаш да се согледа, дека не е добро, додека човекот не искуси. Лоши работи. – Иако народот верува дека и доброто и злото идат од Бога, сепак се верува дека покрај Бога кој на луѓето секогаш им мисли добро, освен кога ќе сака да ги проверува има излезено некоја работа, има и некуји работи, кои токму зло му мислат на човекот. Во такви се вбројуваат некои работи или лоши работи се вбројуиваат: самовилите, јуда змеј, Талас’м, муравини, вапири, сенка, ѓавол, ламја, аждер, караконџула, виор и др. Наспроти сиве овие лоши работи, злите духови, се истакнуват: ангел кој секогаш живее кај човекот и го чува од сите лошотии, и одредениот касмет – судбина, или како што велат овде: што му е дадено и што му е пишано уд Госпуд. Сумувиле – Според народното верување сумувилите се убави недофатливи жени, вечно млади и весели. Тие сакаат да играат оро и разни други игри. Не можат да се претвораат во нешто друго, но имаат крилја и можат да летаат и за миг ги снемува. Исто така исчезнуваат и кога петли ќе запеат. Нив не може секој да ги види. Тој што има силен талас’м (силна ѕвезда), и не лелека од страв кога ќе ги види, туку останува пробран, тој може да ги гледа. Кога човекот ќе наиде на нив, тие обично го шашардисуват (опсенуваат) и се забравуве, и потоа може да го водат дома. Дури утрото кога ќе запеат првите петли може човекот да се спаси од нив. Но сепак, самовилите не се така лоши како јудите. Јуди. – И тие се жени, но многу лути и опасни. Тој што ќе го фатат обично и го умираат. За нив веруваат дека можат да влезат во телото на некоја жена, по што и таа станува лута и лоша: вика, се дере, се тепа. Кога ќе се освести ништо не знае што било пред тоа. За таквите жени велат: „А фатија јудите“. – Јудите преку ноќ ги дават децата. Змех (Змев). – него го замислуваат со голем стомак, мала глава, кожни крила и со четири нозе. Може да се претвори во што сака: човек, волк, мачка, куче итн. Најчесто се претвора во човек и тогаш кради жени и девојки и ги носи горе во облаците каде што престојува. Таа жена потоа пак ја враќа на земјата, а за сето тоа време жената е во несвесна состојба. За него веруваат дека е многу силен и дека нема сила што може да му се спротивстави. Веруваат дека многу јаде, па затоа и велат за човек кој многу јаде: „Бре, куту змех јаде!“ Талас’м – е чудовиште со голема глава, обраснато со остри влакна. Има многу големи очи. Телото му е замислено како кај човекот. За таласамот веруваат дека настанал од див човек. Многу е опасен, зашто кога човекот ќе наиде на него, толку ќе се уплаши што веднаш му се земаат гласот и силата, по што со ококорени очи се претвора во дрво или камен. Против него не може ништо да се преземе. Муравини (Сирени)- Нив ги замислуваат како жени, што живеат по реките, обично каде што матицата удира во некој нос или карпа, поради што водата се врти во вител (круг). Од такви места треба човекот да се чува зашто тука најлесно може да се удави. Тие најповеќе се јавуваат од први до петнаесетти август, и за тоа време човек не треба никаде сам да се капи, зашто може муравините да го удават. Сенки. – Замислени се како ужасно тешки жени, полни со крв, кои ноќе одат по куќите каде што има лиунки (леунки- родилки). Ѓавул (Враг). – Ги има два вида: ѓаволот е пакосен, тој е задоволен само тогаш кога се напаѓа со нож. Тој е злобен и се претвора во различни животни, само да успее да направи зло. Тој ги скарува луѓето, ги учи што да работат, како да лажат, и е задоволен само тогаш кога ќе падне крв. За него велат дека побегнал од пеколот и дека ги тера луѓето да грешат, за после да идат во пеколот. Поради тоа за некој, што стално прави зло викаат: „Гу утело злото, тоја куси“... Врагот е замислен како мало немирно дете, кое сака само да ги насекира луѓето и ништо повеќе. Тој обично ќе зафрли некој предмет, особено тој што им треба, и човекот да се убие не може да го најде. Но народот верува дека денес луѓето го победиле ѓаволот, зашто сега тие станале ѓаволи, и кога некој предмет ќе се загуби, и не можат веднаш да го најдат тогаш тие низ бравата протнуваат конец и ја врзуваат бравата. Тие мислат дека ѓаволот го врзале за вратата и така ќе го најдат предметот. Се верува дека на тој предмет седел ѓаволот па затоа не можеле да го најдат додека не го врзале за бравата. Народот верува дека во недела наутро ѓаволот го праќа врагот да ги лаже луѓето со убави соништа, за да не се разбудат и да не одат во црквата. – Против ѓаволот и врагот се празнува празниците Св. Антонија и Св. Танасија. Народот верува дека ѓаволот и врагот имаат опашки, уши и на нозете копита наместо прсти. За немирно момче или девојка, велат дека е враг, а за човек кој лаже и сл. велат дека е ѓавол. Од книгата „Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази“ од Стефан Тановиќ, Београд 1927 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан