• петок, 20 декември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
2 август 2020 Свети пророк Илија (Илинден) Пророк кој пали и гаси на небото и земјата Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици. Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо... Големиот македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот народ најповеќе асоцира на славното Илинденско Востание и на Крушевската Република, сепак, во својата основа го има свети Илија, лик од христијанската религија кој има значајно место и во народните верувања. Пророкот Илија живеел околу 900 години пред Исус Христос (поточно е роден во 816 година пред Христа) во местото Тесвит, поради што во Библијата се среќава како Тесвиќанин. Кога се родил Илија татко му Савах видел необичен знак, околу детето имало многу Божји ангели гои го повивале со оган и му давале пламен да јаде. Ова видение таткото го раскажал на свештениците, а еден од нив му рекол да не се плаши зашто детето ќе биде под Божја заштита, зборот ќе му биде силен како оган, животот ќе му биде посветен на Господа и ќе суди со меч и со оган. Името Илија значи крепост Господова. Целата младост Илија ја минал во молитви, често повлекувајќи се во пустина за да може во тишина да се моли и да размилсува. Во тоа време еврејските цареви се откажале од Божјите дарови и им се приближиле на идолските богови. Најдалеку во тоа отишол царот Ахав со неговата пакосна жена Језавела кои на богот Вал му изградиле храм и го терале народот да му се моли, откако ги позатвориле или истепале Божјите пророци и сите оние што му биле верни на Господа. Тогај кај царот дошол Илија којшто му соопштил дека поради неговите гревови ќе страда целиот народ. „Во овие години нема да има роса, ниту дожд, освен според мојот збор“.(3 Цар, 17/1). Наместо да се покајат, Ахав и жена му сакале да го убијат Илија, но Господ го спасил и го испратил кај потокот Хорат спроти Јордан. „…од тој поток ќе пиеш, а на гавраните сум им заповедал да те хранат таму“. (3 Цар, 17/4) Така и се случило, но кога настанала голема суша поради што и потокот пресушил Господ го пратил Илија во сарепта Сидонска кај една жена вдовица што живеела со својот син. Таа била многу сиромашка и кога Илија пристигнал кај неа имала само „грст брашно во ношвите и малку масло во масларникот“, но со негова молитва тоа никогаш не се завршило. Кога по извесно време починал синот на вдовицата Илија се помолил на Господа и тој воскреснал. По Божја промисла се вратил кај царот Ахав и му предложил да ги собере сите жреци од храмот на Вал и да ги изведе на ридот да се молат за дожд. На ридот се собрал и многу народ, а Илија им рекол најпрвин да направат жртвеник и да се молат секој на својот Бог и кој ќе им даде оган да го запалат жртвеникот во него да веруваат. Жреците со часови го молеле богот Ваал, но без успех. Потоа Илија зел дванаесет камења „колку што се колената на синовите на Јакова“ и од нив направил жртвеник и убаво го потурил со вода. И уште не ја завршил молитвата кон својот Бог кога од небото паднал оган и го запалил жртвеникот. „И оган Господов падна и ја изеде сепаленицата и дрвата и камењата и земјата и ја голтна водата што беше во копот. Кога виде тоа сиот народ падна ничкум и рече: Господ е Бог, Господ е Бог“. (3 Цар. 18/38-39) Потоа биле истепани сите пророци на богот Ваал. Илија се помолил на Господа и по три години и шест месеци откако земјата испукала и многу луѓе изумреле, повторно паднал спасоносниот дожд. Но поради убиството на лажните пророци Илија пак морал да бега пред бесот на царицата Језавела и да се крие во Божјата гора Хорив. Оттаму се вратил кај царот Ахав и му прорекол лоша судбина дека кучињата ќе му ја лижат крвта и ќе ја изедат царицата. Тоа и се остварило. Пред крајот на животот Илија за свој наследник во пророкувањето го одредил Елисеј. Кога дошло времето за тоа, Господ испратил по Илија огнена кочија што ја влечеле пламени коњи. Илија седнал во неа и таа се подигнала кон небото, а тој му ја фрлил својата горна облека на Елисеј, пренесувајќи му ја на тој начин дарбата за пророкување. И на иконите и фреските свети Илија е претставен во кочија што неколку коњи ја влечат кон небото. Тој му ја пушта од височина својата облека на Елисеј и со тоа му ја предава и моќта да пророкува. Значи пророчкиот дар се пренесува преку облеката. На други претстави во црквите св. Илија е претставен како седи, а до него стои гавран, оној што го хранел во пустината. Кога Исус се преобразил на ридот Таор (на Преображение), за да им покаже на своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и апостолите Петар, Јаков и Јован, тука се појавиле и Мојсие и Илија (кои одамна биле умрени). Тие зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по неговата смрт. Во чест на пророкот Илија Светата христијанска црква го востановила празникот што се празнува на 2 август според новиот, односно на 20 јули според стариот календар. Бидејќи во народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз св. Илија се пренесени многу елементи на врховниот пагански бог на Словените, громовникот Перун. Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“ И во Кумановско Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл. Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите. И Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите како што и на чевларите празникот им е на Св. Спиридон, а пак на корабџиите Св. Никола, како претседател и покровител на речните еснафи. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа. Тие два еснафи принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот тоа не го прави. За него велат за да го умилостивел светецот та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат погребувал живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи. Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млʼсне и тресне“. Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур коишто траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија. Свети Илија е присутен и во народните песни и во народните преданија. Во песната од Дебарско „Три светители и света Недала“ од зборникот на Иван Јастребов (но и во други зборници со песни од западна Македонија) се пее за големата борба меѓу тројцата светители „кој да земит кључи од рајови“ и за епилогот: Свети Петар кључи од рајови, Светʼ Илија – сиљни секавици, Свети Јован – кумство, побратимство, Неделица, празник да празнуват. Веќе споменатите функции на свети Илија да располага со небесните височини, со облаците и дождовите се опеани и една песна од зборникот на Миладиновци : На Свети Илија што му паднало? Паднало му летни грмежи, Он да имат, он да и повељат. Христијани страхот да му имат. Како што се пее во оваа песна кога легенските христијани започнале да не го слават Бога, ниту другите светци од годината, кога започнале и меѓусебно да не се почитуваат, свети Илија бил тој што од Бога побарал за нив казна. И што беше стар Свети Илија, помоли се на наш Христос, та му даде кључеве од небеси, си закључи мʼгли и облаци, три години дожд не заврна, три години сʼнце не угреа, три години ветер не подунал, не се роди ни вино ни жито. Дури по три години кога сфатиле дека мораат да се покорат на Божјите закони и кога се покајале, дури тогај дожд им заврнало, што сејали све им се родило, родило се и вино и жито. Свети Илија го среќаваме и во македонскиот прозен фолклор, пред сè во преданијата и легендите. Не едно место тој како старец посетува еден дом и ги моли наречниците на новороденото да му одредат поубав живот, на друго место испратен од Бога ги казнува арамиите и го смирува царството, на трето место се заканува дека на денот кога ќе му биде името со рофја ќе го уништи веков, па сестри му Марија и Магда не му кажувале кога е тој ден, „еднуш му велеле оту уште не дошол, а друг пат оту поминал и така го дочувале светот нерасипан досега“. Марко Цепенков бележејќи ги еснафските празници на едно место забележал дека 20 јули Свети Илија го служеле орачите, фурнаџиите и кочиџиите (пајтонџиите), а на друго место дека калфите и чираците од кожуварскиот и ќурчискиот еснаф празнувале на – Свети Елисеј, 14 јули, а мајсторите од двата еснафа заедно со калфите и чираците – на 20 јули го празнувале Свети пророк Илија. Тропар Свети пророк Илија Ангел во тело, столб на пророците, втор претеча на Христовото доаѓање, Илија славен, откако одозгора му испрати благодат на Елисеј, овој болести прогонуваше и прокажени очистуваше. Затоа на оние што го почитуваат им дава исцеление. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан