• петок, 22 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
22 декември 2020  Правни обичаи а) оние што се однесуваат на семејството. Поделба на наследството. – Денес во Малешево поделбата на браќата се врши веднаш по смртта на таткото. При поделбата не оди се така лесно, по што доаѓаат пријателите (или најблиските роднини) за да ги смират. Иако при делбата има кавги на суд ретко се оди. Се верува дека во тој случај братската кавга е привремена, но и оправдана, зашто тогаш секој се бори за својот иден подобар живот. Во Митрашинци тројца браќа (христијани) вака се делиле: едниот излегол од куќата, а другите двајца решиле да живеат заедно. Едниот од нив повеќето од стоката го продал и стоката ја свел на ист број колку што имал и неговиот брат. Целата годишна заработка, откако ќе платат данок го делат и секој си набавува според своите потреби посебно. Таа задруга веќе 15 години живее без кавги. Ако со некој од браќата при делбата остане таткото или мајката, тој да ги издржува, добива специјален дел од земјата (нива, ливада или воденица) која се вика гробнина. Тогаш братот е должен на родителот кога ќе умре да му ги направи сите обреди. При делбата ако куќата е стара и склона кон паѓање браќата се договараат да ја растурат и нејзиниот материјал да го поделат, па потоа секој за себе нека си прави куќа. (Робово). Кога се дели воденица, која има два камена тогаш таа се преградува со плот (вид ограда) така што во секое одделение да има по еден камен. Ако водата на јазот е слаба да може одеднаш да врти два камења тогаш нејзината употреба се дели на недели или месеци, така наизменично да мели по еден камен. Ако при поделбата имало кавга меѓу браќата, тогаш омразата помеѓу нив останува долго така што не сакаат да се поздрават и кога еден ќе се пресели во друго место. Ако умре човек, а жената му се премажи и ги одведе малите деца кај новиот маж тогаш тие деца подолго време не ја уживаат својата татковина, туку таа ја заграбува некој од стриковците, кој обично, без судска одлука не им дава ништо (Будинарци). Имотот било каков да е се вика мираз. Него го земаат роднините, а ако е останато некое дете го земаат во својата куќа. Ако тоа дете е женско, тогаш приходот од неговиот имот посебно се пресметува. Тој што го користи тој имот мора да го гледа детето како свое, а при мажењето го заменува таткото и му го дава имотот. Ваквиот имот не се пријавувал кај турските власти освен ако самите власти за тоа разбереле. Ако пак се пријавел се викал „касам“. Домазетот од своите браќа добивал (кога сите ќе се делеле) само дел од недвижниот имот. Својот дел од стоката го зема веднаш кога ќе оди кај девојката, во нејзината куќа. Во турско време било обичај ако синот не е добар таткото да го исклучи од наследство (според турските закони). Таквите случаи биле ретки. Но ако таквиот син се поправел, можел преку некој посредник (обично некој од соседството) да го моли таткото да го врати во куќата. Таткото можел за време на својот живот да го продаде својот имот и на децата да не им остави ништо. Уште имал право и на некој од синовите да му даде повеќе, некому помалку. Според турските закони имот е даван и на женските деца, но по извесен сооднос. На пр. имот под вода, (што може да се наводнува) воденици и др. Првокласниот имот што се викал мулк, е даван на машките деца по два дела, а на женските по еден. Другите ниви се делени на еднакви делови. Ако женското дете својот дел од имотот го продаде, ред е најпрвин да го понуди на својот брат (како купец). Имотот околу куќата, како и куќата другите згради и оградата се викаат селидба. Кога некој покрај девојката добива и таков имот обично се случуваат кавгите. Тогаш луѓето од страна влијаат на делбата, женското да добие помалку отколку што му следува па и тој дел што ќе го добие, ред е најпрвин да му го понуди на својот брат да го купи. Има случаи кај селските занаетчии (смојмирски дунѓери) таткото и синот да работат донекаде заедно, но потоа синот го напушта таткото, ако види дека тој прима порачки без изглед за заработка. – Овде всушност се работи за судир во погледите на луѓето како претставници на старото и новото време. Додека таткото како претставник на старото време гледа само да има работа макар и со мала заработка, мислејќи на живот со штедење, дотогаш синот, сака да има толку заработка да може во сегашната скапотија колку толку пристојно да живее. Исто така, има случаи кога поединци мораат да просат на старост иако некогаш биле богати. На пр. во Негрево на еден човек му умрела жената која му оставила еден син и шест ќерки. Тој повторно се оженил со една вдовица која му донесла уште пет деца. По смртта на сина му споменатиот татко, по наговор на својата втора жена ги истерал сите внуци, а целиот свој имот му го дал на еден зет да го раководи. Додека зетот бил жив го гледал, но кога умрел, неговите синови (внуци) почнале да го мачат својот дедо и да не му дават ниту леб, и умрел скоро како просјак. Поинаку направил Илија Марковски од Берово. Тој за време на својот живот им го поделил имотот на своите машки деца (женските ги омажил), а за себеси си оставил толку имот колку што му треба да живее до својата смрт и да не биде зависен од никого. Според книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремија Павловиќ, Београд 1929. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан