• петок, 22 ноември 2024

Oбичаи и верувања

Oбичаи и верувања
23 ноември 2020 Преданија и легенди Планината Дур-Даа Му текнало еднаш на турцкио цар и издал заповест во својата држава на некоја страна да зборуат сите рисјани турцки. Кој не ќе зборуат турцки, јазикот ќе му го пресечел. Бидејќи царцка заповес, секој се мачел да зборуа турцки. Мало-големо – сите се учеле да зборуаат турцки и во неколку години сите беа се научиле да зборуаат. Дома, в чаршија и дури во црквите ватиле да си пеат по турцкио јазик. Откоа се научил царот оти сите рисјани се турцки зборуат, му се родила една мисла за да ’и потурчит тие рисјани. Еден ден го викнал патрикот на тие рисјани и го теклифил прво тој да се потурчит и после сите рисјани по него да се потурчат. Коа беше чул тие зборои патрикот, многу се оскрбил и се уплашил за тоа нешто. Арно ама патрикот бил многу набожен, тики никако не му кандисал да се турчит. На тоа згора царот му рекол еден збор на патрико многу тежок, што не било возможно тоа што сакал царот да можи да го стори патрикот. - Слушај вамо, патрик ефенди – му рекол царот – ти мене зборот наземи ми го врли, илја ја ќе се турчиш сосе сиот твој милет, ја сите под сабја ќе помините. Можи да не се потурчите, ама едно нешто ако можите да го сторите што ќе ви речам јас. Тоа нешто је од Инџили-шериф (што го пишуат азрети Исаа), во фиљан место, кај што пишуат вака: „Ако би имале вера колку синапоо зрно, да је речите на таа планина кинисај, и таа ќе киниса да оди.“ Еве три-дни мувлет ти давам, патрик ефенди, да собериш големите рисјани и да напраите една лонџа. Ако можите планината да ја проодите, што је онде каршија, ќе ве простам. Ама ако не можите да ја проодите, или ќе се турчите, или под сабја ќе помините. Коа ’и чу тие зборои патрикот, косата му се поткренала од страои. Станал и му се поклонил на царо, та си ошол на патрикаана и пратил по сите старци и големци за да дојдат кај него да му кажат тие црни абери. Не би час, дошле сите старци и му отворил зборот што му рекол на царот. Коа чуле старците тие зборои од патрико на ум сите беа станале. Мислеле, есапиле како да праат, никако умот не му ваќал. Најпосле патрикот рекол да се молат Богу три дни и три ноќи, и, ако сака Господ, можи да и послуша. чунки што е човеку невозможно Богу је возможно. Откоа беше се дало тој карар од патрико, и од старешините се испратило абер по сите места кај што имало рисјани, да се молат Богу три дни и три ноќи, и никој ништо да не касни, нити имањето што го имале да не му даат да јадат и да пијат. Коа го зеле тој абер рисјаните, сите се собрале по црквите, мало-големо, и паднале на молба на Господа за да киниса планината и да куртулисаат за да не се потурчат. Се собрале и во градо кај што седел патрико и царот, и влегле в црква, та се молиле цел ден и ноќ, без да јадат нешто и да пијат. Ислегоа првиот ден и се молија на планината да киниса, арно ама абер немала планината од тоа што се молеле тие рисјани и ни баре се помрднала од местото. Вториот ден пак се молиле, и пак бош беше му излегла молбата. Останало уште еден ден, и веќе ја да киниса планината, ја да се турчат. Како што се молел патрико на свети Престол, беше завенал малку, и му се јавил ангел Божи, та му рекол: - Нема да ви прооди планината дури не го викните фиљан крпач, да се помоли и тој со сите рисјани што ќе идете тамо пред планината. Коа виде патрико тоа видение, се израдуа оти Господ му чул молитвата и пожалал да не ’и остаит да се потурчат. На часот беше распратил луѓе за да го бараат крпачот и да го донесат. Крпачот бил светија и бил со едно око, чунки окото беше си го изваил сам некоаш, кога му дошла некоја нечесна жена да го искусуат за да го согреши. Еве као било тоа искусуање од жената: таа дошла, ѓоа да је напраи едно рало чевли, и му показала ногата дури до колено за да ја види и да му земи мера. Арно ама крпачот, при се што била жената бесчесна, тој не беше је се отказал да му напраит, ами је рекол да стапи со ногата на пепелта што ја имал потурена на една страна, да отаде ќе си земел мера и ќе је напраел чевли. Арно ама жената, бидејќи нечесна и сакајќи да го согреши, чунки је било јад незе оти тој да јет праведен, а таа да јет грешна, - ја, како је таа грешна, ама и крпачот требало да биди грешен како неа, - та затоа беше му се запнала да го согреши. Тој је рекол да стапит на пепелта и да си оди, да тој ќе је земел мера од стапалката и ќе је напраел едно рало чевли. Арно ама таа се праела како да не го слуша и туку му ја пикала ногата пред очи. При се што имаше крпачот пред очите перде пуштено, не знам како беше згрешил и беше ја видел ногата со десното око, и веднаш беше му дошло искусуање во срцето. - Ах, проклети сатано – беше рекол – ти ли мене ќе ме согрешиш, побрго да бидам со едно око и да сум во рај, одошто со две очи во вечна! Така беше си рекол и си го изваил окото со шилото. Кога чула и видела бесчесната жена тоа нешто; да си го изваит окото крпачот дека је видел ногата, и за голем грав му било, што останало за неа, што праела најгнасни и најстрамни греои. Од тој саат и таа беше се покајала. Ето од тој себап бил крпачот со едно око и светец. Пратените луѓе од патрико за да го бараат крпачот, вамо-тамо беа барале низ градо и беа го нашле во една визба кај што си крпел. Коа чул крпачот за ошто го викаат, му дошло како за некое искусуање од ѓаоло. Арно ама, сакал-неќел, требало да оди кај патрико. Отишол кај патрико в црква, кај што беа собрани целио народ, и едно го видел патрикот крпачот, му се поклонил како на светија. Коа видел крпачот таа чес што му се праила од патрико, се устрамил и тој ватил да му се поклонуат нему. Тогај патрико му ја расказал сета работа од царо што сакал, низ планината да прооди, или да се турчат, или да ’и губит сите царот. Откоа сториле последната молитва заедно со крпачот во црквата, и излегоа од црквата надвор со сите црковни литии и крстои, серафими и бајраци. Викале мало-големо „Господи, помилуј“ и отишле близу пред планината. Царот со пашите и со многу аскер беше излегол да гледа сеир, и ја да се турчат, ја сите тамо да ’и исечит, чунки не веруал планината некоаш да кинисат, што не било – да бидит. Арно ама царот не знаел зборот што го велел Ристос, оти: „Што не је на луѓето возможно, на Бога је возможно“. Едно беа дошле до планината рисјаните, и го натерал патрикот крпачот да је речи на планината да киниса. Крпачот му се молил на патрикот да не го наречуат за светија, чунки тој се знаел за најгрешен. Најпосле је заповедал крпачот на планината да прооди, и за чудо големо, туку беше ти се одвоила од една друга планина зад неа и ти кинисала да оди! Тие оди за во градот, и планината оди, чинела, по нив. Коа виде царот тоа големо чудо, го молил патрико да је речи на планината за застани за да не влези во градо и да го потиснит. На часот патрикот му рекол на крпачот, и крпачот је рекол на планината по турцки: - Дур, дааа! За големо чудо и приказна, веднаш беше застанала планината на местото. И је останало името на таа планина да се викат дои ден денеска Дур-дааа. Запис на М. Цепенков. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан