• среда, 24 април 2024

„Finance Think“: Новиот антикризен пакет е со зајакната компонента на таргетираност, но се опфатени и цели што не се директно поврзани со кризата

„Finance Think“: Новиот антикризен пакет е со зајакната компонента на таргетираност, но се опфатени и цели што не се директно поврзани со кризата

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Новиот пакет антикризни мерки што го објави Владата, според „Finance Think“, е со зајакната компонента на таргетираност кон граѓаните и компаниите кои се ранливи или имаат оправдана потреба од тековна и структурна поддршка. Сепак, како што посочува „Finance Think“, одредени мерки по својот обем, како и одредени мерки кои не се директно поврзани со кризата, но помогаат во поглед на нејзините последици, се донесени во време кога земјата влегува во изборен циклус и во време кога инфлациските очекувања остануваат подигнати. Таквите мерки, според „Finance Think“, носат значајни ризици.

- По обем, најновиот антикризен пакет е сличен со претходниот (за 2022 година) кој изнесуваше 760 милиони евра. Сепак, јачината на кризата и фазата во која беше економијата во 2022 споредено со денес се драстично различни. Во текот на 2022 година, енергетската криза го имаше својот врв, како резултат на рекордните цени на примарните производи од храна и енергија. Додека, денес, цената на енергентите и производите од храна на глобалните пазари е стабилизирана или намалена, а домашната понуда на електрична енергија се зголеми. Оттука, ако минатата година имавме акутна состојба и постоеше реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата. Оттука, вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба, велат од „Finance Think“.

Мерките, како што се наведува, опфаќаат и цели што не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период.

- Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата, велат од „Finance Think“. бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан