• четврток, 26 март 2026

„130 години организиран туризам во Бугарија“ е темата на списанието ЛИК во август

„130 години организиран туризам во Бугарија“ е темата на списанието ЛИК во август

Софија, 27 август 2025 (МИА/БТА) – Списанието ЛИК во август го посвети својот број на 130-годишнината од почетокот на организираниот туризам во земјата, која се одбележува денеска, на 27 август.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Изданието за литература, уметност и култура на Бугарската телеграфска агенција (БТА) ќе биде претставено на 1 септември (понеделник) како дел од програмата на 41-то издание на Празниците на уметностите „Аполонија“ во Созопол. Настанот ќе се одржи преку видеоврска со националните прес-клубови на БТА во Бугарија и во странство.

Основоположник на организираниот туризам во земјата е писателот и општественик Алеко Константинов. Во 1895 година тој објави покана во весникот „Знаме“, во која пишува: „Ги молиме софиските љубители на бугарската природа да дојдат во недела, на 27 август, на Црниот врв на Витоша, каде што точно во 12 часот напладне ќе биде отворена седница за состојбата на еден клуб на бугарските туристи. Поканата се однесува на сите љубители кои наполниле 20 години“. Според Алеко, богатствата и убавините на Бугарија не се изучуваат од географски карти, ниту со прошетки со кочија по рамните патишта, ниту од прозорците на железничките вагони. „Тие патишта се припитомени, тие се веќе изучени и по нив се движи веќе од запад кон исток цивилизацијата со сите нејзини задоволства и гнасотии. Не тука, не, туку во девствените шуми, во едвај пристапните карпи, во облачните врвови, околу вечните снегови, кај горните езера, до острите тронови на дивите кози, кај живеалиштата на срните и елените, околу кристалните потоци со сребрена пастрмка, во царството на орлите и многукратните ехо – таму, таму е убавата, чудесна, волшебна мајка Бугарија. „Таму страстите и грижите стивнуваат, таму душата се смирува, а тивкото размислување го исполнува твоето срце со блаженство“, пишува писателот на страниците на „Знаме“.

На поканата на Алеко Константинов се одзвале над 300 луѓе, кои на 27 и 28 август 1895 година се искачиле на првенецот на Витоша. На Црниот врв се одржала и првата седница на Клубот на бугарските туристи – организација позната денес како Бугарски туристички сојуз. Секоја година на крајот на август се одржуваат свечености за да се одбележи почетокот на организираниот туризам во земјата.

„Туристот е посебна форма на човек кој живее за да ужива, за да се забавува, но во некоја смисла и да се образува“, вели за списанието ЛИК социјалниот антрополог Харалан Александров. Тој раскажува за некои од трендовите во туризмот кои ја покажуваат потребата од идентитет и корени во денешно време, и зборува за очекувањата и ставовите на современите туристи. Социјалниот антрополог потсетува како изгледал туризмот во земјата пред 1989 година и како се променил потоа. Харалан Александров го споделува мислењето дека Бугарија е многу богата територија, во која секој може да го најде тоа што му е потребно. Меѓу видовите туризам кои се развиваат во Бугарија, тој ги посочува кулинарскиот, винскиот, конгресниот, поклоничкиот и различни ниши форми на туризам, кои стануваат форма на живот.

Според претседателот на Бугарскиот туристички сојуз, Венцислав Венев, Бугарија е еталон и мерка за туризам во Европа. „Бугарија е исклучително туристичка земја. Таа е најтуристичката држава“, нагласува тој. Во интервју за списанието ЛИК, Венев раскажува како точно настанал организираниот туризам во земјата и како се развивал Бугарскиот туристички сојуз низ годините. Тој потсетува кога и како започнала изградбата на планинарски домови во планините, за да се дојде до моментот кога Бугарија има една од најразвиените бази во Европа, а најверојатно и во светот. Венцислав Венев коментира каква треба да биде националната стратегија за туризмот во земјата и каква ќе биде неговата иднина. Тој е оптимист дека туризмот нема да биде засегнат од напредокот на новите технологии и нема да се претвори во виртуелно искуство.

Списанието ЛИК раскажува и за една од симболичните иницијативи на Бугарскиот туристички сојуз – движењето „Запознај ја Бугарија – 100 национални туристички објекти“. Тоа е создадено во 1966 година и е без аналог во земјата и во светот. Движењето има широк опфат – вклучува природни, историски, културни и археолошки знаменитости. Од есента 2024 година, вкупниот број на вклучени објекти е 242. За секој од нив можете да прочитате на страниците на списанието.

Во онлајн изданието на ЛИК е поместена статијата „Економија на туризмот во Бугарија“ на доц. д-р Елена Петкова. „Сега, кога во 2025 година ја одбележуваме 130-годишнината од почетокот на организираното туристичко движење во Бугарија, треба да нагласиме дека развојот на туризмот е особено важен за остварување на економски раст во земјата“, пишува таа. Петкова дополнува дека како стопанска гранка, туризмот може да има суштински придонес за БДП на земјите, вработувањето, приходите на населението и приходите на претпријатијата. Туризмот помага во генерирањето приходи кои би можеле да се користат за усовршување на инфраструктурата, како и за активности за подобрување на животната средина и зачувување на културното наследство во земјите. „Туризмот придонесува за создавање работни места, обезбедување приходи за населението и подобрување на животниот стандард на луѓето“, посочува авторката.

Во тематска хронологија на страниците на ЛИК се претставени акценти од публикации, поврзани со бугарскиот туризам, зачувани во богатиот архив на Бугарската телеграфска агенција. Најстарата вест, поместена во изданието, е стара речиси 120 години. Низ децениите агенцијата објавувала соопштенија како за движењето на домашните, така и на странските туристи околу најпривлечните дестинации, раскажува за иницијативите на организираното туристичко движење во Бугарија, за изградбата на морските, планинските одморалиштата и спа-центри, за појавата на некои од најзначајните хотели и планинарски домови. Во вести се претвораат и иницијативите на претставниците од туристичката индустрија, предизвиците со кои се соочуваат и добрите практики кои ги прават дел од своето работно секојдневие.

Списанието ЛИК раскажува за првиот Меѓународен конкурс за туристички постер на Бугарија, кој заврши овој месец, а беше организиран од Министерството за туризам во партнерство со Меѓународното триенале на сценскиот постер – Софија. Претседателот на жирито, проф. Божидар Јонов, и Албена Спасова, која е меѓу „двигателите“ на овој и на други проекти, споделуваат за иницијативата и за авторите кои учествуваат во неа. Тие посочуваат и што претстои да се случи со добиените постери, при што меѓу идеите е да учествуваат во патувачки изложби, на пример. Еден од наградените постери на Љуба Халева го дефинира и дел од изгледот на корицата на ЛИК во август.

Од јануари 2024 година, списанието ЛИК е со слободен пристап. Сите броеви од неговото обновување во 2022 година до денес можат да се преземат во електронски формат од интернет-страницата на БТА. Августовскиот број на тема „130 години организиран туризам во Бугарија“ можете да го најдете на следниов линк – https://www.bta.bg/bg/lik-magazine/59.

_______________________________________________________________________________________________________________________________

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан