• петок, 22 ноември 2024

Џорџа Мелони официјално побара од претседателот на Италија мандат за формирање влада

Џорџа Мелони официјално побара од претседателот на Италија мандат за формирање влада
Рим, 21 октомври 2022 (МИА) - Претседателката на „Браќата на Италија“, Џорџа Мелони, изјави денеска во Рим дека таа и нејзините сојузници од десницата побарале од италијанскиот претседател Серџо Матарела да и го довери мандатот за формирање влада. Мелони, заедно со нејзините десничарски сојузници, лидерот на „Лига“ Матео Салвини и претседателот на партијата „Напред Италија“, Силвио Берлускони имаа десетминутна средба со претседателот Матарела. По средбата, Мелони им рече на новинарите дека десничарската коалиција едногласно му посочиле на претседателот дека таа заслужува мандат за формирање влада. „Му посочивме дека треба да добијам мандат за формирање нова влада. Подготвени сме и сакаме работите да се развијат што е можно поскоро“, изјави Мелони. Берлускони и Салвини, кои молчеа за време на краткото обраќање на Мелони пред новинарите, важат за поддржувачи на рускиот лидер Владимир Путин. Мелони, од друга страна, силно ја поддржува Украина во нејзиниот отпор кон руската инвазија што може да влијае на стабилноста на владејачката коалиција. Од кабинетот на Матарела е навестено дека одлуката за доделување мандат би можела да биде соопштена подоцна во текот на денов. Доколку 45-годишната Мелони успее да формира влада, таа ќе стане првата жена премиер на Италија. аб/

Остани поврзан