• понеделник, 04 ноември 2024

Џим Џармуш: Никогаш нема да гледам „Војна на ѕвездите“

Џим Џармуш: Никогаш нема да гледам „Војна на ѕвездите“

Лос Анџелес, 1 август 2023 (МИА) - Американскиот режисер Џим Џармуш вели дека е љубител на филмовите од серијалот „Гол пиштол“, дека е воодушевен од ликот „Џон Вик“, но никогаш нема да погледне ниту еден дел од серијалот „Војна на ѕвездите“, како што изјави за списанието „Биливер“ (The Вeliever).

- Не сум ги гледал филмовите „Самрак“. И има одредени нешта што никогаш нема да ги гледам. Никогаш нема да гледам ниту еден (филм, з.п.) од „Војна на ѕвездите“, бидејќи ми пречи што знам толку многу за нив и нивните ликови, рече Џармуш.

Режисерот на филмовите „Мистичен воз“, „Мртов човек“ и „Кафе и цигари“ дополнително се прашува и се чуди зошто знаел за ликови како Дарт Вејдер или роботот „Ар-ту-Ди-ту“, а никогаш не гледал ниеден од филмовите „Војна на ѕвездите“...

- И „Однесено со виорот“ никогаш не сум го гледал и нема да го гледам, само затоа што чувствувам дека ми го наметнуваат, вели режисерот.

Џармуш, од друга страна, смета дека „Терминатор“ на Џејмс Камерон е акционо ремек-дело... Но, вели, му пречи тоа што во последно време, кај филмовите од жанрот акција „не може да најдете кадар подолг од три секунди“, што според него, е навистина навредливо.

- Три секунди, сечи! Човече, ме боли глава од тоа. Исклучувам! Ајде човече, врати се на училиштето за филм. Погледни нешто. Прочитај некоја книга. Погледни некој филм. Погледни што било! Ова е глупост. Не можам да издржам!, истакна Џармуш.

Инаку, последниот негов долгометражен филм е зомби-комедијата „Мртвите не умираат“ (The Dead Don't Die) од 2019 година.  си/сд/

Фото: ЕПА.

Остани поврзан