• четврток, 16 мај 2024

Џачка апелира да се запре продлабочувањето на јазот меѓу позициите на Косово со САД и ЕУ

Џачка апелира да се запре продлабочувањето на јазот меѓу позициите на Косово со САД и ЕУ

Тирана, 15 јуни 2023 (МИА) – Министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка денеска од собраниската говорницата на албанскиот Парламент порача дека е неопходно ситуацијата на Косово да деескалира.

- Загрижени сме од зголемувањето на тензиите и секако сме ангажирани со сите наши сили и можности, со сојузниците и партнери, со САД, НАТО, ЕУ, ситуацијата дополнително да не се влошува. И ние сме загрижени, но и жалиме што се најдовме во оваа деликатна ситуација, во момент кога навистина верувавме дека има многу добра можност, имаше златна можност, би рекла, да се постигне договор меѓу Косово и Србија, што би довело до конечно решение и меѓусебно признавање, рече Џачка.

Таа додаде дека не е само Албанија загрижена, туку и сите сојузници и партнери од прв до последен.

- И овој меѓународен контекст помага многу подобро да се разбере позицијата на Албанија. Но, во нашиот случај, загриженоста станува навистина голема кога ќе се земе предвид дека сојузниците и партнерите едногласно најголем дел од одговорноста го наоѓаат во Косово, кое создаде многу тензии и кое се заканува да донесе последици и што до вчера не можеше ни да се замисли, водејќи го Косово во изолација и загрижувачки слабеење на неговите позиции во очите на САД и ЕУ, истакна Џачка.

Најновата ситуација со тројцата полицајци, како што рече, заробени од српската војска, несомнено според неа дополнително ја усложнува ситуацијата и ризикува да долее масло на огнот.

Кажа дека биле во близок контакт со сите сојузници и партнери за овој настан, дека комуницирале и со командантот на КФОР барајќи негова оценка за тоа што се случило.

Нагласи дека го очекуваат крајот на истрагата или извештајот што КФОР ќе го направи до НАТО и посебно порача дека „во моментот најважно е да се задржи смиреноста“.

- И, исто така, императив е Владата на Србија да ги ослободи тројцата полицајци. Нивното ослободување би било голем придонес за намалување на тензиите, а истовремено ќе му се даде време на КФОР, кој е одговорен за чување на границата на Косово на север, да разјасни сè што се случи. Направивме и правиме активни напори за да се случи ослободувањето на тројцата гранични полицајци, но во меѓувреме сме на став дека тие не сториле апсолутно никакво кривично дело или ја загрозиле националната безбедност на Србија. Во такви случаи, дури и да се премине границата и да се влезе во област која би се сметала за Србија, доколку е така, секако не предвидува апсење, но би предвидувало враќање и ова е нашиот став, нагласи таа.

Според неа со загриженост ги следат и изјавите на косовската влада за забраната за движење на возила со српски регистарски таблички.


- Потенцираме дека слободното движење е многу важен дел од обврските што ги имаме и што ги презедоа сите наши земји, вклучително и Албанија и Косово, во рамките на ЦЕФТА и во рамките на работата за создавање заеднички регионален пазар, но и во рамките на Берлинскиот процес, каде слободата на движење и промет на стоки е еден од неговите главни столбови, продолжи таа.

Според извештаите што ги добила денеска, Џачка рече дека владата на Косово појаснила дека не се работи за трговски и економски, туку за безбедносни мерки. вт/ми/

Фото: принтскрин

Остани поврзан