• понеделник, 22 април 2024

Џафери – Коцевски: Ефикасност од институциите за фер избори

Џафери – Коцевски: Ефикасност од институциите за фер избори

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска се сретна со јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски. Средбата се реализираше на барање на премиерот Џафери, согласно законската надлежност на Владата за организирање фер и демократски избори, соопшти владината прес-служба.

Џафери на состанокот ја истакна недвосмислената определба на Владата за реализација на избори коишто ќе ја одразат реалната волја на граѓаните. Притоа, посочи дека активностите на Владата се одвиваат според законските надлежности, а лично тој и претставниците на Владата се водат од наратив за позитивна клима во предизборието.

Од страна на јавниот обвинител Коцевски беше поздравена оваа иницијатива на премиерот Џафери, која е во насока на координирање на активностите за успешно спроведување на изборите, со поддршка од сите институции кои се дел од овој процес. Коцевски изрази целосна поддршка за активностите за препознавање индиции и пресретнување на евентуални дела спротивни на заложбите за спроведување законски и фер изборни процеси.

Заеднички е констатирано дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамки на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес. И во таа насока е потенцирана улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување, со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Нагласено беше очекувањето од двете страни, дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност, се вели во соопштението од владината прес-служба.са/

Фото/видео: Влада

 

Остани поврзан