• петок, 22 ноември 2024

Џафери: Собранието не е место каде Биљал Касами може да се обраќа како градоначалник или како претседател на партија

Џафери: Собранието не е место каде Биљал Касами може да се обраќа како градоначалник или како претседател на партија

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери попладнево преку писмена изјава реагираше што градоначалникот на Тетово и претседател на движењето Беса, Биљал Касами, како што вели во реакцијата, „го злоупотребил Собранието со тоа што ги прекршил воспоставените собраниски процедури за одржување на конференции за печат во зградата на законодавниот дом, за лична политичка промоција“.

- Во Собранието е предвидена посебна процедура за начинот на одржување на конференции за печат за тоа каде и кој се може да го користи тоа право. Согласно тоа, Прес-центарот во законодавниот дом е наменет исклучиво само за пратениците од тековниот мандат, па така, нејасно е денеска Касами во кое својство присуствуваше и говореше на ненајавената прес-конференција во Собранието. Како поранешен пратеник, Касами би требало да е упатен во процедурите на законодавниот дом и да знае дека, Собранието не е место на кое тој може да се обраќа било како градоначалник или како претседател на партија, наведува Џафери.

Освен тоа, како што посочува Џафери, во прекршувањето на собраниските правила и норми на Касами му се приклучиле и го поддржале уште неколку други пратеници, кои во спротивност со воспоставените правила, му овозможиле да се обрати од прес-центарот во Собранието, од местото предвидено исклучиво за изјави на народните избраници.

Пратеници од партиите Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива, кои се дел од коалицијата Европскиот сојуз за промени, денеска од собраниската говорница најавија дека ќе делуваат во една пратеничка група, чиј координатор ќе биде пратеничката Сафије Садики Шаини. дма/бак/

Фото:МИА архива

Остани поврзан