• понеделник, 01 јули 2024

Џафери: Поволна бизнис клима за нови работни места во Маврово Ростуше

Џафери: Поволна бизнис клима за нови работни места во Маврово Ростуше

Скопје, 2 октомври 2021 (МИА) - Време е да се стави крај на поделбите, расипништвото и трошењето народни пари за лични потреби во општината, порача денеска кандидатот за градоначалник на општина Маврово Рустуше од ВМРО-ДПМНЕ Мевмед Џафери.

Тој посочи дека има план, визија и програма со многу проекти и вети добра бизнис клима, поволни услови за отворање мали и средни претпријатија во кои ќе се создаваат нови работни места, со посебен акцент на инвестиции од нашите печалбари.

- Да реализираме проекти кои ќе ги подобрат условите за живот, во сите населени места во нашата општина. Учениците заслужуваат да учат во модерни и нови училишни згради. Граѓаните на Маврово Ростуше заслужуваат патна инфраструктура која тековно ќе се одржува 12 месеци во годината, како и нови алтернативни пристапни патишта, преку кои сите населени места ќе се поврзат со регионалниот пат Маврово – Дебар.  Младите заслужуваат да имаат спортско-рекреативен базен од отворен тип со сите придружни угостителско-услужни содржини, изјави Џафери.

Најави дека ќе се ангажира секое населено место во Општина Маврово и Ростуше да има функционална канализациона мрежа, водоводна мрежа, улично осветлување и добро поплочени улици, пешачки и велосипедски патеки и развој на планинскиот туризам. Додаде дека заштитата на животната средина ќе биде висок приоритет, ќе има санација и редовно одржување на сите спортски игралишта, како и спортската сала „Македонија“, која, како што рече, се наоѓа во многу лоша состојба. Најави обезбедување поголема финансиска поддршка за секое новородено дете, отворање пензионерски домови... мд/бт/

Остани поврзан