• среда, 06 ноември 2024

Џафери - Красниќи: Ќе продолжи праксата на негување на добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Косово

Џафери - Красниќи: Ќе продолжи праксата на негување на добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Косово
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Заедничките стратешки определби и цели на Северна Македонија и Косово во однос на надворешната политика даваат гаранција дека ќе продолжи праксата на негување на добрососедските односи, констатираа денеска на средбата во Собранието, спикерот Талат Џафери и претседателот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи. Како што соопштија од Собранието, Џафери на средбата се осврнал на актуелната политичка ситуација во државата и го запознал гостинот со тековните активности во Собранието, нагласувајќи ја важноста од постојаната комуникација со опозицијата и одговорноста која што опозицијата ја има за напредокот на државата, подвлекувајќи ја улогата на претседателите на Комисиите и нивната улога во процесот на донесување на закони кои се пред се придобивка за граѓаните. Во однос на билатералната соработка Џафери подвлекол дека билатералните односи се карактеризират со меѓусебна поддршка и почитување, отворен и конструктивен дијалог. Доказ за тоа се бројните меѓусебни посети и средби на претставници од двете пријателски земји и одржувањето на заедничките седници на владите на Северна Македонија и Косово. Во сферата на мултилатерална соработка, претседателот Џафери истакна дека нашата држава има афирмативен став за пристапување на Република Косово кон сите мултилатерални и регионални иницијативи и форуми. -Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина - Белград во насока на постигнување конечен, взаемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост, нагласил Џафери. Господинот Красниќи се заблагодарил за можноста да се сретне со претседателот Џафери во рамки на неговата посета на Северна Македонија и да ги продолжат разговорите кои ги започнаа на средбите во текот на официјалната посета на Џафери на Република Косово. Красниќи истакнал дека слобода на движење на граѓаните и добрата, можностите за отворање бизниси во двете држави и генерално добрите бизнис можности се суштината на односите меѓу Косово и Македонија, а истите секако произлегуваат од солидните темели во форма на закони и регулативи кои ги усвојува Собранието. Во однос на безбедноста и стабилноста на регионот, Красниќи нагласил дека ефектот на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија се чувствува и во Република Косово, затоа што пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во Унијата ќе значи поголема безбедност, стабилност не само за двете држави туку и за регионот. бт/ац/

Остани поврзан