• недела, 22 декември 2024

Џафери: Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на целиот систем во земјава

Џафери: Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на целиот систем во земјава

Скопје, 20 февруари 2024 (МИА) - Обезбедувањето на економски, социјални и образовни платформи и програми е од голема важност за зајакнување и унапредување на нашето општество и отворање нови можности за младите генерации, истакна техничкиот премиер Талат Џафери во обраќањето на настанот по повод доделување на стипендии за академската година 2023/2024 од Фондацијата Албиз. Тој додели и благодарници на најдобрите дипломирани студенти за 2023 година.

-Вложувањето во младите, во нивното знаење, е влог во подобрување и усовршување на сите димензии во системот во Северна Македонија. Државата има квалитетни кадри и преку вакви програми се отвораат можности да се спречи одливот на младите кои својата иднина ја бараат надвор од границите на нашата држава. Ова е можност да се создадат конкурентни услови за работа како во европските земји. Стипендирањето на младите за нивно повисоко професионално достигнување и градење во идни квалитетни и конкурентни кадри кои ќе работат во државата и ќе придонесуваат за нејзиниот економски развој и просперитет е од исклучителна важност, рече Џафери.

Тој посочи дека во изминативе години Владата се залагала квалитетот на домашното образование да ги достигне посакуваните стандарди, а тоа, како што рече ќе продолжи и во иднина, со темелна реформа.

-Нашите пријатели од меѓународните институции и програми нѐ поддржуваат во правењето на новите етапни промени во образовните програми и исто така, во вложувањето во инфраструктурата. Наш партнер се и активните граѓански организации, фондации и здруженија, за што е потврда и овој убав вечерашен настан. Ова е можност заеднички да го доближиме образованието до европските вредности, како уште една алка од исклучителна важност за успешната европска приказна на Република Северна Македонија, истакна Џафери. нд/вј/

Фото: Влада

Остани поврзан