• понеделник, 23 декември 2024

Џафери - Бечиќ: Скопје и Подгорица се за добрососедски односи и интеграција во ЕУ

Џафери - Бечиќ: Скопје и Подгорица се за добрососедски односи и интеграција во ЕУ
Скопје, 21 јуни 2021 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, на маргините на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ што се одржува од 21 до 23 јуни 2021 година во Анталија, имаше билатерална средба со Алекса Бечиќ, претседател на Собранието на Црна Гора. На средбата Џафери истакнал дека земјите во регионот делат заеднички погледи во однос на потребата од зачувување на мирот и стабилноста во регионот,  преку градење на добрососедски односи и унапредување на регионалната соработка. -Северна Македонија и Црна Гора ги врзува традиционално пријателство како и  добри политички, културни и економски врски. Членството во НАТО и заедничката европска иднина на двете држави, дополнително ги зајакнуваат меѓусебните односи, нагласил претседателот на Собранието. Тој го поздравил напредокот на Црна Гора во процесот на интеграција во Европската Унија и ангажираноста на црногорската Влада посветено да работи на ЕУ агендата. -Во однос на интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, тој укажа дека очекуваме отпочнување на пристапни преговори со Унијата. Подвлече дека остануваме посветени на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија од 2017 година како добра основа за надминување на разликите. Претседателот Џафери изрази надеж дека во наредниот период ќе се интензивираат контактите и заеднички со рационален пристап ќе се успее да се врати довербата со што ќе се отворат вратите за почеток на пристапниот процес, се вели во соопштението од собраниската прес-служба. Претседателот на Собранието на Црна Гора, пак, истакнал дека односите меѓу двете држави се на високо ниво, со одржување на редовни политички консултации.  Во однос на економската соработка изразил надеж дека ќе продолжат да се продлабочуваат регионалните односи како основа за поинтензивна економска соработка и пред се подобро инфраструктурно поврзување меѓу Северна Македонија и Црна Гора. Соговорниците размениле информации и искуства за процесот на унапредување на парламентарното работење, како и подобрување на транспарентноста и одговорноста во двата парламенти со цел подобро спроведување на нивната надзорна и контролна улогата над владите. сст/са/    

Остани поврзан