• понеделник, 23 декември 2024

Ќе се контролира дали е реално зголемувањето на цените

Ќе се контролира дали е реално зголемувањето на цените
Скопје, 4 јуни 2022 (МИА) - Инспекциските служби ќе контролираат дали зголемувањето на цените што се случува изминативе денови е реално или не. Од Владата велат дека одредени компании се однесуваат некоректно и неетички во однос на зголемувањето на цените и дека е нелогично зголемувањето на цените за над 20 отсто. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера изјави дека со особено внимание се следи се она што се случува изминатите три дена на слободниот пазар и дека набргу очекува извештај од инспекциските служби. - Одредени компании се однесуваат некоректно, неетички и неморално кон зголемувањето на цените. Тоа набрзо ќе наиде на одговор од страна на институциите. Не можеме да прифатиме дека цена, за 24 часа може да порасне за 20 отсто, кога производствената цена не може да порасне 24 часа за 20 отсто. Сметам дека тоа е само манипулација којашто ја прават кон нашите граѓани и за тоа секако соодветно треба да реагираат инспекциските служби, изјави Битиќи во Гостивар.                       Потврди дека новите антикризни мерки ќе се донесат штом биде изгласан ребалансот на Буџетот и дека ќе бидат таргетирани кон оние на кои им се најпотребни. - Веќе ги правиме сите анализи, штом се изгласа ребалансот, сметам дека ќе бидат донесени, но антикризните мерки нема да бидат мерки коишто се сеопфатни. Мора да бидат таргетирани за специфични целни групи коишто се најзагрозени и компании коишто се најзагрозен, рече Битиќи. Во четвртокот, премиерот Димитар Ковачевски најави дека мерките ќе бидат навремено подготвени и презентирани и обелодени дека ќе бидат дизајнирани така што дел ќе бидат продолжени до крајот на годината, а дел ќе бидат редизајнирани. Со свои предлози за надминување на актуелната ситуација излегоа и од Сојузот на стопански комори и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Бизнис секторот бара активирање на државните резерви, зголемување на домашното производство и елиминирање на непотребните бирократски процедури за инсталирање на обновливи извори на енергија, а опозицијата предлага законски измени со кои ќе се преполови акцизата за горивата и ќе се намали ДДВ-то на пет проценти, а основните прехранбени производи ќе се продаваат без ДДВ до крајот на годината. Зголемувањето на цените уследи откако на 1 јуни престанаа да важат антикризните мерки со кои беа намалени ДДВ и маржите за храната и ДДВ и акцизата за горивата. Поради ценовниот шок и неисполнувањето на барањето за зголемување на платите за 2.806 денари, Сојузот на синдикати на Македонија донесе одлука за генерален штрајк на 22 јуни. Претседателот на ССМ Дарко Димовски вчера по седницата на Претседателството изјави дека ќе стапат во генерален штрајк доколку до 21 јуни не се исполнат нивните барања - потпишување на општ колективен договор каде ќе се утврди линеарно зголемување од 2.806 денари за сите работници во јавниот сектор и враќање на изгубеното право регрес од 2023 година во износ од 30 до 100 проценти од просечната плата во државата. бак/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан