• недела, 22 декември 2024

Ќе се изработува техничка документација за изградба на водоводна мрежа на Голак

Ќе се изработува техничка документација за изградба на водоводна мрежа на Голак

Делчево, 10 август 2023 (МИА) - Во рамките на Договорот за заедничка реализација на проектот „Изработка на технички документации за унапредување и промоција на конкурентските предности на Источен плански регион“ за Општина Делчево ќе се  изработува техничка документација за реконструкција на постоечка и изградба на нова водоводна мрежа за туристички локалитет Голак. 

Договорот како што информираа од Општината беше потпишан денеска на Седница на Советот на ИПР, од градоначалникот Горан Трајковски и директорката на Центарот за развој на ИПР Зујица Ангелова,  а потребните финансиски средства за реализација на проектот се обезбедени од Министерство за локална самоуправа - Биро за регионален развој со вкупен износ на проектите за сите 11 општини од 4.248.036,00 денари и кофинансирање од Општина Делчево во  износ од 173.658,00 денари.  

-Основниот проект за водоснабдување на туристичкиот локалитет Голак треба да предвидува искористување и реконструкција на постоечките каптажи, доопремување на постоечките пумпни станици со комплетна автоматика, доградба или реконструкција на постоечките резервоари, реконструкција на постоечките главни цевководи и да се предвидат оградени заштитни зони за резервоарите, зафатите и каптажите, информираа од Општината.

Вкупната должина на водоводната мрежа со главниот цевовод изнесува приближно 6000 метри.

-Разводната мрежа е предвидено е да се проектира како гранкаст систем со соодветни приклучоци, противпожарни хидранти, воздушни вентили, испусни вентили и други објекти потребни за нормално функционирање на мрежата, додадоа од Општина Делчево.

На денешната Седница на Советот на ИПР беа потпишани и договорите за „Одржување на агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во ИПР“, како и Договорот за дополнителни средства за финансирање на задачите и активностите на Центар за развој на Источен плански регион за 2023 година, а имаше и презентација за отворениот повик за инвестициски проекти по приоритет 1 „Зелен прекуграничен регион“ во рамки на Програмата INTERREG VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан