• четврток, 14 ноември 2024

„Љубовната соба“ на Сузана Диневски во Португалија

„Љубовната соба“ на Сузана Диневски во Португалија

Скопје, 8 март 2024 (МИА) - Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, „Сузи Кју“ продукција и „Аворд филм и видео“ е избран во официјалната селекција на Меѓународниот документарен филмски фестивал „Doc Coimbra“, што се одржува од 6 до 10 март во португалскиот град Коимбра, информираат од тимот на режисерката.

- „Doc Coimbra“ е меѓународен филмски фестивал за документарни филмови со фокус на португалски и меѓународни проекции, каде присуствуваат реномирани професионалци од светската филмска индустрија. На фестивалот се прикажуваат документарни филмови со политичка и социјална перспектива, со посебен фокус на миграција, политичко опкружување, или приказни посветени на личности заборавени од историјата, пишува во денешното соопштение.

„Љубовната соба“ на Диневски, најавено е да ја има премиерата во португалскиот град денеска во 14:30 часот. 

- Филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни, каде главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД „Идризово“. Се прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија - „Идризово“, како и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување, се наведува во соопштението.

„Љубовната соба“ е во режија на Диневски, која е и продуцент - „Сузи Кју“ продукција, извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во ко-продукција со „Аворд филм и видео“. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, тонски дизајнер е Игор Поповски. бд/дма/

Фото: Агенцијата за филм „Сузи Кју“

Остани поврзан