• вторник, 19 ноември 2024

Јуратовиќ: Србија може во ЕУ во 2025, но не со вакви медиуми и институции

Јуратовиќ: Србија може во ЕУ во 2025, но не со вакви медиуми и институции
Белград, 19 февруари 2020 (МИА) - Пратеникот на германскиот Бундестаг и член на Комисијата за надворешна политика, Јосип Јуратовиќ, оцени дека Србија има шанса да влезе во Европската унија во 2025 година, па и порано, но посочи дека тоа не е реално со сегашната ситуација и односот кон слободата на медиумите, судската независност и институциите. Како што јави дописникот на МИА од Белград, Јуратовиќ во интервју за ТВ Н1, кажа дека сè зависи од општествено-политичкиот развој, потенцирајќи дека одлучувачко ќе биде дали функционираат институциите. -Јас веќе долго време сум во процесот како пратеник задолжен за надворешната политика и за овој регион и можам да кажам дека перспективата на Западен Балкан е тука и се зависи од актерите и од понатамошниот исход на политичкиот развој во регионот, какви се меѓудржавните односи, и што ќе биде многу важно во иднина, како ќе се развиваат општеството и државните институции во овие земји, кажа пратеникот на Социјалдемократската партија во Бундестагот. Како што кажа Јуратовиќ, кога станува збор за Србија, еден од најголемите проблеми е прашањето за слобода на медиумите. -Не можам да кажам точно каде е главниот проблем, но што се однесува до извештаите што ги добиваме во Европа, факт е дека медиумите се под силна контрола и притисок, што е неприфатливо во демократските системи, кажа Јуратовиќ. На прашањето за новата методологија за проширување на ЕУ, усвоена претходно овој месец од страна на колегиумот на комесари на ЕУ, Јуратовиќ кажа дека во Бундестагот мислат дека „ова не е ништо ново“. -Во однос на пристапниот процес на Западен Балкан, логично е дека во наш интерес е овој процес да продолжи. Тоа е поврзано со економскиот развој, но не само тоа, важно е напоредно со економскиот развој да функционираат и институциите, затоа што без функционални институции нема да има економски развој. Така да целата нова методологија е фокусирана на развојот и на општеството и на економијата, оцени Јуратовиќ. Тој кажа дека „нема јасен датум, нема јасни цели за тоа кога и со која брзина ќе оди ЕУ, сето тоа зависи од актерите на теренот“. об/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан