• вторник, 25 март 2025

Јужноафриканскиот амбасадор кого САД го протераа во Кејп Таун пречекан со песни

Јужноафриканскиот амбасадор кого САД го протераа во Кејп Таун пречекан со песни

Кејп Таун, 24 март 2025 (МИА) – Амбасадорот на Јужна Африка Ебрахим Расул, кој беше протеран од САД и прогласен за персона нон грата од администрацијата на Трамп, вчера беше пречекан од стотици поддржувачи кои пееја песни во негова чест.

Поддржувачите ги опколија Ебрахим Расул и неговата сопруга Росиеда на терминалот за пристигнување на меѓународниот аеродром во Кејп Таун.

- Прогласувањето за персона нон грата има за цел да ве понижи. Не беше наш избор да се вратиме дома, но без жалење се враќаме дома, им рече Расул на приврзаниците додека им се обраќаше преку мегафон.

Расул беше протеран поради изјавите што ги даде за време на онлајн предавање за администрацијата на Трамп. „Она што го почнува Доналд Трамп е напад врз оние кои се на власт, мобилизирајќи го врховизмот против власта, дома … и надвор“, изјави Расул на настанот.

Тој додаде дека движењето МАГА е одговор „на многу јасни податоци кои покажуваат големи демографски промени во САД во кои се предвидува електоратот … да стане бел 48 отсто“.

По враќањето дома, Расул рече дека е важно Јужна Африка да ги поправи односите со САД откако Доналд Трамп ја казни земјата и ја обвини за антиамерикански став.

Американскиот претседател минатиот месец издаде извршна наредба со која го прекина целото финансирање на Јужна Африка, тврдејќи дека тамошната влада ги поддржува палестинската милитантна група Хамас и Иран и дека дома спроведува политика против белците. јт/

Фото: Х скриншот

Остани поврзан