• четврток, 04 декември 2025

ЈП Паркинзи на Општина Центар добитник на наградата „Инклузивен работодавач“ на Ability Awards 2025

ЈП Паркинзи на Општина Центар добитник на наградата „Инклузивен работодавач“ на Ability Awards 2025

Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЈП Паркинзи на Општина Центар учествуваше на овогодинешните Ability Awards 2025 – настан кој има за цел да ја промовира инклузијата и да поттикне создавање еднакви можности за сите граѓани.

-Со особена гордост информираме дека претпријатието се стекна со една од 10-те награди што традиционално се доделуваат на институции и организации кои спроведуваат иновативни и инклузивни практики. ЈП Паркинзи на Општина Центар е добитник на признанието „Инклузивен работодавач“, што претставува потврда за континуираните напори на претпријатието да обезбеди достапна и поддржувачка работна средина за сите, велат од ЈП ПОЦ.

-Во нашето претпријатие, лицата со попреченост не се бројки или формалност. Тие се наши колеги, наши соработници и важен дел од тимот. Работат во повеќе служби и секојдневно покажуваат дека професионалноста, посветеноста и одговорноста се вредности кои не познаваат ограничувања, истакна директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски во своето обраќање. 

Дополнително истакнал дека инклузијата во претпријатието не се ограничува само на вработувањето, туку и на услугите што континуирано им ги обезбедува на граѓаните со попреченост. Тие имаат можност да аплицираат за паркинг-дозволи во текот на целата година и да користат највисоки привилегии во системот на паркирање, а бројот на резервирани паркинг-места се адаптира и зголемува согласно реалните потреби – честопати и над законскиот минимум.

-Горди сме што обезбедуваме достоинствен пристап до услугите за сите. Но најмногу сум горд на тимот што секојдневно покажува колегијалност, разбирање и човечност – вредности што нè прават пример за инклузивна и современа јавна институција. Оваа награда ја прифаќаме како обврска да продолжиме уште посилно – да отвараме нови можности, да рушиме бариери и да создаваме општество во кое секој може да учествува рамноправно, додал директорот.

ЈП Паркинзи на Општина Центар упатува благодарност до организаторите на Ability Awards 2025, партнерите и сите кои даваат поддршка за унапредување на инклузијата и подобрување на условите за лицата со попреченост во општеството. сст/дма/

Фото: ЈП ПОЦ

Остани поврзан