• четврток, 26 март 2026

ЈП ЛАЈКА: Потребен институционален одговор за напуштањето домашни миленици

ЈП ЛАЈКА: Потребен институционален одговор за напуштањето домашни миленици

Скопје, 9 јуни 2025

Во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, нашиот тим беше ургентно повикан во скопската населба Радишани поради сериозно загрозување на животот на женка од расата белгиски овчар – малиноа и нејзините шест кутриња. Мајката и кутрињата биле изложени на директна опасност од страна на жител на населбата, кој, според сведоштва и во присуство на припадници на Министерството за внатрешни работи, јавно се заканувал дека ќе им го одземе животот со употреба на ладно оружје.

Очевидци пренесуваат дека едно од кутрињата, не постаро од 40 дена, било силно удрено со клоца во пределот на абдоменот. Истото веднаш е преземено од здружение за заштита на животни и сместено во приватна ветеринарна амбуланта, каде моментално добива соодветна медицинска нега.

Како прифатилиште, реагиравме во најкус можен рок и, со оглед на сериозноста на заканата и отсуството на друга институционална интервенција, ги преземавме кучињата во наша грижа со единствена цел – да спречиме трагедија и да го заштитиме нивниот живот. Прашањето што неминовно се наметнува е: зошто дозволуваме да дојде до ова?

Овој инцидент не е изолиран. Тој е само уште еден симптом на подлабокиот и нерешен проблем: неодговорното сопствеништво и системскиот неуспех во неговото санкционирање. Се прашуваме – до кога ќе се дозволува напуштање на домашни миленици без никаква последица? До кога ќе алармираме без институционален одговор?

Напуштањето на миленици директно и индиректно ја загрозува безбедноста на граѓаните но животните не се виновни за сопствената судбина. Виновни се оние кои ги напуштаат, ги злоупотребуваат или ги изложуваат на опасност. Виновни се и оние кои гледаат – а не преземаат ништо. Апелираме до надлежните институции итно да започнат со доследна примена на законските мерки и казни кон неодговорните сопственици, бидејќи секое одложување значи уште едно животно во опасност и уште едно сведоштво на насилство.

Како општество, мора да покажеме зрелост и одговорност. Заштитата на животните не е само хуман гест – таа е показател за вредностите што ги негуваме.
Ова не е само нивна битка. Ова е наша заедничка одговорност.

ЈП ЛАЈКА

_______________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Фото ЈП ЛАЈКА

 

Остани поврзан