• четврток, 21 ноември 2024

ЈП „Комунална хигиена“: Масовно непрописно исфрлање отпад во близина на контејнерите во Скопје, сторителите подлежат на санкции

ЈП „Комунална хигиена“: Масовно непрописно исфрлање отпад во близина на контејнерите во Скопје, сторителите подлежат на санкции

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Околу 40 кубни метри отпад отстраниле изминатиов викенд екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје.  Отпадот бил одложен до контејнерите на булеварот „Крсте Мисирков“, во близина на ТЦ „Мавровка“, на улиците „Џон Кенеди“ и „Христијан Тодоровски - Карпош“ во општина Чаир, „Народен фронт“, „Даме Груев“, „Партизанска“ и „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во општината Центар и на улиците „1510“ и „Христо Татарчев“ во општина Кисела Вода.

ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје информира дека веќе извесен период се соочува со појава на масовно непрописно исфрлање отпад во непосредна близина на садовите наменети за одлагање на комуналниот отпад. Дивите депонии, како што се наведува, околу контејнерите настануваат во периодот кога садовите се сосема празни и отпадот може да се одложи во нив.

- Град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“- Скопје апелираат да престане тенденциозното непрописно и несовесно исфрлање отпад на јавни површини. Уште еднаш потсетуваме дека секое одлагање отпад надвор од наменски поставените садови претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота, а сторителите подлежат на санкции. Ваквото однесување го загрозува јавното здравје и значително ја зголемува опасноста од ширење заразни болести, особено во летниот период, стои во соопштението. мд/лв/

Фото: ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје

Остани поврзан