• недела, 22 декември 2024

ЈПДП донесе одлуки за вработувања во проектната единица со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10д

ЈПДП донесе одлуки за вработувања во проектната единица со „Бехтел и Енка“  за коридорите 8 и 10д

Скопје, 13 јуни 2023 (МИА) - Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП ) донесе одлуки за вработување работници во проектната единица за спроведување на проектот за изградба на инфраструктурниот проекет Коридор 8 и Коридор 10д, согласно со огласот 1/2023,  објавен на 13 април со којшто се бараше ангажман на работници на повеќе позиции од градежништвото, административни работници и возачи. 

Донесена е одлука за избор на Семијал Хасани Зибери за работното место - помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, позиција за која е предвидена плата од 70.052 денари.

За местото координатор на единицата за техничка изведба на проектот, за кое е предвидена плата од 65.029 денари, ќе биде ангажиран Рами Јусуфи. 

Вработени се само двајца од планираните четворица специјалисти за експропријација на имот предвидени со огласот. Ангажман добиле и еден преведувач, а наместо по двајца извршен е избор на  по еден специјалист за следење и подготовка на проектна документација, еден административен работник и еден возач. Не е извршен избор  за позицијата известувач за проектот, специјалист за инвестиции и градба на патишта, како и специјалист за урбанистичко планска документација. 

Огласот траеше до 25 април, а договорот е до 22 јануари 2028 година, односно до завршување на проектот. Одлуките на ЈПДП се достапни на линкот .

За спроведување на Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со кој е предвидена изградба на четири автопатски делници во должина од над 120 километри на коридорите 8 и 10д, неодамна во Собранието беа изгласани измени на шест закони. 

Планирана е изградба на автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1  километар), Тетово – Гостивар ( 27  километри)  и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д. лв/дма/

 

 

Остани поврзан