• недела, 22 декември 2024

Јоханис: Романија нема да распоредува војници во Украина

Јоханис: Романија нема да распоредува војници во Украина

Букурешт, 22 мај 2024 (МИА) - Романија нема да распореди свои војници во Украина, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис.

Тој во разговор со новинарите рече дека смета оти дискусијата за тоа е завршена.
Романскиот претседател одби да ја коментира можноста Романија да испорача на Украина системи за воздушна одбрана Патриот. - Не коментирам за ова прашање и мислам дека не треба јавно да се разговара за тоа, рече тој. - За ова прашање треба да се разговара со воени експерти, потоа да се донесе одлука во Врховниот совет за национална одбрана и потоа резултатот ќе биде објавен. Мислам дека не е препорачливо да се има проширена јавна дискусија за ова многу специфично прашање, објасни Јоханис.

Одговарајќи на прашањето дали постои директна закана за безбедноста на Романија, претседателот рече дека нема, но дека вооружените сили се подготвени за сите можни сценарија.

Новинарските прашања произлегуваат од изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дадена по конференцијата за Украина во Париз на 26 февруари, кој рече дека земјите-членки размислуваат да испратат копнени трупи во Украина. Иако не беше постигнат консензус на оваа тема, тој ја остави отворена можноста за вакво сценарио. По конференцијата, повеќето земји-учеснички изјавија дека не планираат да испратат војници во Украина за да се борат против Русија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан