• среда, 25 декември 2024

Јолевски: Водењето на дисциплинска постапка не ги ограничува обвинителите да се кандидираат за избор

Јолевски: Водењето на дисциплинска постапка не ги ограничува обвинителите да се кандидираат за избор
Скопје, 16 септември 2022 (МИА) - Водењето на дисциплинска и кривична постапка не значи дека обвинителите не можат да се кандидираат за избор. За секој обвинител може да биде поднесена пријава и самото тоа не значи дека е елиминиран од постапката. Напротив, секој обвинител кој ги исполнува условите, има право да се пријави на огласот, изјави претседателот на Советот на Јавни обвинители, Антонио Јолевски. Одговарајќи на новинарски прашања по тркалезната маса „Превенција и следење на корупцијата во судството“, тој посочи дека во условите стои дека треба да има шест години непрекинат стаж како јавен обвинител и за последните три години да е оценет со позитивна оцена. - Во вторник ќе имаме седница на Советот и на таа седница ќе ги отвориме сите огласи, за сите шефови на кои им истекува мандатот меѓу кои и на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Ќе биде избран основниот обвинител првпат после толку време, сега со новиот Закон на ЈО, непосредно, сите јавни обвинители, а огласот ќе биде објавен во Службен весник. Рокот е 15 дена од денот на објавување во две гласила, едното на македонски и едното на јазикот што го зборуваат 25 отсто од населението, појасни претседателот Јолевски. Како што рече, огласот би требало да биде објавен во среда во Службен весник. Прашан колку обвинители гласаат, Јолевски информираше дека во моментов се 164 обвинители, меѓутоа, како што рече, до крајот на месецот има уште еден кој ќе исполни услови за старосна пензија, што значи дека тој број ќе биде 163 обвинители. - Избирачкиот список ќе го објавиме во рок од пет дена откако ќе се објави огласот, што значи до тогаш ќе има точен број, ќе се знаат тие избирачки списоци на сите јавни обвинители кои имаат право на глас за изборот за основен јавен обвинител на ОЈО, вели Јолевски. Во врска со изборот на републички обвинители, вели дека тој е последен оглас. -Тој е последен оглас, претходеше и за Вишо обвинителство, како и за ЈО, меѓутоа по тие огласи ги немаме добиено сите оцени, иако се побарани во јуни, веројатно заради одморите не можеа да извршат оценување на пријавените кандидати. Чекаме кога ќе стигнат оцените, за да можеме да пристапиме кон следната фаза, а тоа е интервју и избор. Без позитивна оцена не може да се врши избор, појасни Јолевски. ар/бак/    

Остани поврзан