Детето повредено кај Рашче во стабилна состојба, наскоро ќе биде пуштено на домашно лекување
- Детето што беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче, очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување, изјави попладнево за МИА, директорот на Детска хирурија во Скопје, Лазо Јовчески.
Скопје, 3 јануари 2025 (МИА) - Детето кое беше повредено во сообраќајната несреќа синоќа кај Рашче, очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување, изјави попладнево за МИА, директорот на Детска хирурија во Скопје, Лазо Јовчески.
- Детето е во стабилна општа состојба, не е витално загрозено. Од денеска се наоѓа на оддел, значи не е повеќе на интензивна нега. Очекувам наскоро да биде пуштено на домашно лекување. Вчера имаше интензивен мониторинг, денеска контролни по протокол, биохемиски параметри за споредба, стабилно е, мислам дека сѐ ќе се разреши поволно за детето, кое има пет години, нагласи за МИА, директорот на Детска хирургија.
Јавното обвинителство утрово соопшти дека заедно со автомобилот, од водите на Вардар синоќа биле извадени три починати женски лица, за кои била издадена наредба за обдукција. По уште едно лице се трага, додека во автомобилот патувало и дете, пронајдено повредено надвор од возилото, па пренесено на Клиничкиот центар. бд/нд/
Фото: МИА архива