• вторник, 03 декември 2024

Јовановиќ: Најавениот митинг за поддршка на Русија е срам за Србија

Јовановиќ: Најавениот митинг за поддршка на Русија е срам за Србија
Белград, 9 март 2022 (МИА) – Во Србија по минатонеделните собири во знак на поддршка на Русија, а потоа и на Украина, продолжува полемиката во јавноста за поддршка или осуда на руската агресија врз Украина, јави дописникот на МИА од Белград. Лидерот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Чедомир Јовановиќ оцени денеска дека најавеното протестно возење во Белград за поддршка на Русија е срам за Белград и за цела Србија. Тој на Фејсбук објави и пречкртана фотографија од повикот за тој собир најавена за недела на 13 март во 16. Тој оцени дека буквата „З“ на латиница na руските тенкови „пред кои бегаат милиони Украинци и под чии гасеници исчезнуваат цели градови, не е и не смее да биде симбол со кој се поистоветуваат“ Белград и Србија. - Кој ги сака Русите и Русија, нека се моли и нека се бори за мир во Украина, нека помогне да се запре војната во која умира руската младина, нека ни помогне да ги запреме руските колони пред Харков, Одеса и Киев, изјави тој. Според Јовановиќ само со осуда на рускиот напад врз Украина се бранат Киев и Москва. Белградски весник Данас правејќи анализа во средните училишта во Белград на темата за поддршка на Русија или на Украина, соопшти дека повеќето од средношколците се на страната на Русија. Александар Марков, професор по историја во Осмата белградска гимназија, изјави дека речиси и да нема одделение, а учениците да не го прашале на чија страна е. - Се обидувам да им објаснам на учениците дека ова не е игра за заземање страна, туку дека луѓето страдаат и дека работите треба да се гледаат од таа перспектива. Им објаснувам дека нападот врз друга земја е акт на агресија и дека не може да се оправда со некои причини, со кои се обидуваат да го оправдаат овој потег на Русија. Се повикувам и на повелбата на ОН, организација која е создадена со идеја за зачувување на мирот во светот, истакна Марков за Данас. Тој, како и неговиот колега од Дванаесеттата гимназија, Петар Паниќ, потврдува дека учениците главно однапред зазеле став и дека мнозинството се на страната на Русија. - Нема тука основано објаснување, тоа е повеќе или помалку емотивен пристап, Русите се наши браќа, наведе Паниќ. - Тие се многу разочарани кога нападот на Русија го оценувам како форма на агресија и потоа се обидувам да го искористам аргументот дека не можеме она што нам ни се случи да го сметаме за агресија, ако ова не го оцениме како такво и дека мора да ги имаме истите стандарди. Суштината е да им се објасни на децата дека војната не е средство за решавање на проблемите и дека разумот мора да надвладее, посочи Марков. об/ми/

Остани поврзан