Јемен прогласи вонредна состојба и нареди повлекување на трупите на ОАЕ
- Шефот на Претседателскиот совет за лидерство на Јемен, Рашад ал Алими денеска прогласи 90-дневна вонредна состојба и нареди во рок од 24 часа да се повлечат трупите на Обединетите Арапски Емирати од јеменска територија, поради нивната поддршка на сецесионистички сили на југ, наречени Јужен преоден совет (СТЦ)
Сана, 30 декември 2025 (МИА) – Шефот на Претседателскиот совет за лидерство на Јемен, Рашад ал Алими денеска прогласи 90-дневна вонредна состојба и нареди во рок од 24 часа да се повлечат трупите на Обединетите Арапски Емирати од јеменска територија, поради нивната поддршка на сецесионистички сили на југ, наречени Јужен преоден совет (СТЦ).
Како што јави државната новинска агенција на Јемен (САБА) со декретот на ал Алими се поништува одбранбениот договор меѓу Јемен и ОАЕ, според кој тие се бореа заедно против бунтовниците Хути, поддржани од Иран, во долгогодишната граѓанска војна во Јемен.
Ал Алими исто така нареди затворање на сите пристаништа и гранични премини во Јемен во рок од 72 часа.
Во текот на месецот силите поврзани со СТЦ зазедоа големи делови во провинциите Хадрамаут и ал Махра, кои заедно сочинуваат околу половина од територијата на Јемен.
Саудиските сили утрово извршија „ограничен воздушен напад“ врз два брода во јужниот јеменски пристаништен град Мукала, тврдејќи дека доставувале оружје на СТЦ.
И Министерство за надворешни работи на Саудиска Арабија денеска побара повлекување на војниците на ОАЕ од Јемен и Абу Даби да ги запре сите форми на воена и финансиска поддршка за „локални актери“.
Саудиска Арабија ги обвини ОАЕ дека вршат притисок врз силите на СТЦ да почнат воени операции во близина на јужната граница на Саудиска Арабија.
Ријад предупреди дека ваквите акции ја загрозуваат не само националната безбедност на Саудиска Арабија, туку и стабилноста на Јемен и поширокиот регион.
Јеменските владини сили поддржани од Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, и бунтовниците Хути, поддржани од Иран се борат за превласт од 2014 година. Хутите контролираат големи делови од земјата, вклучително и Сана, каде што Хутите ги воспоставија своите политички институции. Меѓународно признатите јеменски власти се протерани од Сана во Аден.
Според Обединети нации, граѓанската војна во Јемен доведе до хуманитарна катастрофа и разурната инфраструктура. ми/ссм/
фото: МИА архива